
За надминување на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, каде што е прогласена локална епидемија, Владата од денеска обезбедува по 50.000 литри вода за пиење дневно за населението, а Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги заврши анализите, кои во текот на денот ќе ги предаде на Јавното обвинителство.
Дистрибуцијата на водата се реализира преку Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР). Директорот на институцијата, Ивица Томовски, истакна дека државата е во постојана координација со сите надлежни органи и внимателно го следи развојот на настаните.
– Покрај институционалната одговорност, постапувањето на надлежните органи и спроведувањето на сите неопходни контроли и лабораториски анализи, Владата интервентно одлучи да обезбеди 50.000 литри пивка вода за пиење, која секој ден ќе им биде доставена на граѓаните во Гостивар. Оваа мерка почнува од денеска и ќе продолжи во наредните неколку дена со цел да се обезбедат основните потреби на населението додека траат мерките и препораките од институциите – нагласи Томовски.
Водата ќе се дистрибуира на повеќе локации, меѓу кои Домот на културата, градинката „Пролет“, Средното економско училиште, ЈП „Национални шуми“ – подружница „Шар“, АД „Аеродроми“, Општата болница и Територијалната противпожарна единица во градот. Водата директно ќе се доставува до болницата и градинките за заштита на најранливите категории, а во зависност од потребите на терен, најавено е зголемување на количините, при што веќе се испорачуваат три шлепери со 76.000 литри вода.
Во однос на здравствената состојба, министерот за здравство Сашо Клековски информира дека досега се регистрирани речиси 3.100 здравствени контакти во Здравствениот дом и Општата болница во Гостивар, но од 19 јули е забележано првото намалување на бројот на приеми.
Клековски посочи дека Центарот за јавно здравје Тетово ја прогласил епидемијата поради повеќе од двократно зголемување на случаите од вообичаениот број, категорично негирајќи ги наводите за прикривање информации.
– Министерството и јас лично ќе продолжиме транспарентно да ги соопштуваме сите можни факти и податоци бидејќи во основа немаме што да криеме – вели Клековски.
Додаде дека по добивање согласност од Обвинителството, резултатите за причинителот јавно ќе бидат соопштени.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, рече дека во Гостивар останува целосната забрана за користење на водата.
– Агенцијата за храна и ветеринарство издаде наредба за забрана за користење на водата во Гостивар, што подразбира целосна забрана, и до моментот додека нема други насоки, Институтот за јавно здравје исто така се држи до овој став – рече Андоновска.
Таа појасни дека стручни екипи веднаш по барањето на Обвинителството зеле примероци од четири локации за микробиолошка и физичко-хемиска анализа. Како што посочи Андоновска, сите анализи се веќе завршени и се предаваат на истражните органи.
– Не е важно само да се одреди која е причината, туку многу поважно е да се утврди и одговорноста. Сочувствуваме со граѓаните на Гостивар, сметаме дека треба да имаат достоинствени услови за живеење и никој не смее да биде причинител и да го загрозува нивното здравје – нагласи Андоновска.
На денешната прес-конференција, портпаролката на Владата, Марија Митевска, истакна дека институциите постапуваат брзо и одговорно, со очекување за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности.
– Каква било одговорност што ќе се утврди, дали е институционална, службена или индивидуална, треба да биде соодветно санкционирана. Нема да има селективност, ниту компромис кога станува збор за здравјето на граѓаните – порача Митевска.
Владата упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните здравствени институции и да се информираат исклучиво преку официјалните канали, со цел да се обезбедат навремени и точни информации.


