Утрински Весник
Скопје

ДЗР: ЈП ПОЦ Скопје со 86 милиони денари неуплатена комунална такса во буџетот на Општина Центар и 20 милиони застарени побарувања 

Parking poc.jpg

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил сериозни слабости во финансиското управување и работењето на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – Скопје за 2024 година, поради што изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива.

Ревизијата констатирала дека претпријатието несоодветно ја евидентирало опремата и градежните објекти, меѓу кои паркомати, монтажни конструкции, киоск системи и друга урбана опрема, при што не е пресметана амортизацијата на материјалните средства ставени во употреба во текот на 2024 година. Овие пропусти, според ревизорите, влијаат врз финансискиот резултат и веродостојноста на финансиските извештаи.


-ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Скопје има искажано побарувања во износ од 80.120 илјади денари односно 1.302.764 евра, од кои 20.414 илјади денари односно 331.935 евра се постари од шест години што претставуваат 25 отсто од вкупните побарувања, за кои не се преземени навремени активности за наплата и не е извршено обезвреднување за оние за кои постои објективен доказ дека претпријатието нема да може да ги наплати, се наведува во соопштението од ДЗР. 

Ревизијата утврдила дека во текот на 2024 година извршен е отпис на побарувања во износ од 2.221 илјади денари за физички лица за кои не е пресметан и платен данок на личен доход во износ од 247 илјади денари, што има за ефект помалку уплатени средства во Буџетот на државата. 

Според ДЗР, не е извршен попис на дел од средствата, побарувањата и обврските, состојбите не се потврдени со соодветни постапки и утврдено е несогласување кај средствата во благајната, а пописната комисија нема изготвено извештај за извршениот попис.  

Констатирано е дека јавното претпријатие нема донесено сметководствени политики за изготвување, презентирање и обелоденување на финансиските извештаи, завршните книжења за 2024 година не се спроведени во пропишаниот рок, а трговските книги не се заклучени и овозможуваат ретроактивни промени. 

-Заклучно со 2024 година, јавното претпријатие има искажано обврски за комунална такса во износ од 86.363 илјади денари односно 1.404.276 евра, кои не се уплатени во Буџетот на Општина Центар, и најголем дел (79.047 илјади денари) се однесуваат на периодот од 2019 до 2023 година, се наведува во соопштението.  

Констатирани се и неправилности во пресметката и исплатата на платите и надоместоците поради примена на правилник кој не е усогласен со законските прописи и Општиот колективен договор за јавниот сектор.

Дополнително, ревизијата открила слабости во благајничкото работење, меѓу кои отсуство на интерен акт за управување со готовинските средства, неводење благајнички дневник, некомплетна документација и непреземени мерки за обезбедување на готовината.

Внатрешна ревизија, според ДЗР, не е организирана во соодветен организациски облик и не е пополнета со потребниот број внатрешни ревизори, поради што не се донесени стратешки и годишен план за внатрешна ревизија за 2024 година.  

-Утврдени се слабости во постапките за доделување на договори за јавни набавки во вкупен износ од 4.590 илјади денари, со реализација во 2024 година од 2.589 илјади денари. Во дел од постапките се поставени несразмерни услови за учество, прифатени се понуди над проценетата вредност без соодветна анализа и обезбедени средства, известувањата за склучени и реализирани договори не се поставувани во законски рок на ЕСЈН, техничките спецификации не се јасно и недвосмислено дефинирани, а на поставени прашања од економски оператори не е одговорено, се наведува во соопштението.

Државниот завод за ревизија до надлежните институции и одговорните лица упатила препораки за отстранување на утврдените неправилности и подобрување на финансиското управување и законитоста во работењето на претпријатието.

Можете да прочитате

Имаме решение за патот за “Тефериџ”. Владата ќе го води проектот, вели Николоски

Николоски: Преку 6 милиони евра инвестираме во општина Кисела Вода во инфраструктура

48. Традиционален Илинденски марш: околу 40 коњаници ќе тргнат од Горно Лисиче кон Крушево