
Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека обемот на епидемијата на ебола во Демократска Република Конго може да биде два до четири пати поголем од официјалните проценки, но забележа дека се постигнува напредок поради откривањето на нови случаи.
„Според нашите проекции, обемот на епидемијата се проценува дека е најмалку два до четири пати поголем од бројот на регистрирани случаи“, изјави Чикве Ихеквеазу, раководител на Програмата за здравствени итни случаи на СЗО, додавајќи дека способноста на организацијата да „открива нови случаи се зголемува и подобрува секој ден“.
Тој, исто така, нагласи дека СЗО добила помалку од половина од средствата потребни за борба против епидемијата на ебола во Демократска Република Конго и ги повика донаторите да не ја напуштаат земјата во критичната фаза од епидемијата.
Светската здравствена агенција доби околу 40 проценти од 115-те милиони долари што ги побара за искоренување на епидемијата од сојот бундибугија, за која не постои ниту докажан метод на лекување ниту вакцина. Владините податоци покажуваат дека досега се заразени најмалку 1.926 лица, а 702 починале како резултат на болеста.
„Оваа епидемија бара ресурси соодветни на обемот на проблемот со кој се соочуваме. И тоа не е товар што ДР Конго може сама да го носи“, рече Ихеквеазу.
Тој рече дека одговорот на ситуацијата достигнал критична точка и дека се потребни зголемени напори за откривање и изолирање на пациентите откако случаите се проширија во две нови провинции оваа недела.
„Малку е како маратон. Не можете да се откажете по првиот или вториот круг. Само треба да продолжите да притискате дури и кога сте уморни и исцрпени“, нагласи тој.

