Утрински Весник
Скопје

Герасимовски: Наместо луксузни апартмани, на запленетата парцела во ДУП-от Барутана е планиран дом за стари лица

68d5e8f0 a9ea 45d6 a48f cfbe1ef05730.jpeg

„На местото на конфискувана парцела, која била наменета за резиденцијално домување, предвидуваме пренамена и изградба на дом за стари лица. Плацовите на Водно конечно ќе добијат намена за обичните граѓани, а не за луксузни апартмани”, порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на продолжението на 9. Седница, образложувајќи го нацрт планот за Градска четврт Ј 05-Барутана.

Со ова, како што посочува Герасимовски, нацрт планот не отвора нова урбанизација, туку коригира постојно решение во насока што е покорисна за граѓаните и поблиска до нивните реални потреби.


„Со овој план ја исполнуваме нашата предизборна заложба кон повозрасните сограѓани. Наместо елитни апартмани, на оваа локација ќе имаме дом за стари лица, нешто што навистина му е потребно на Центар”, порача Герасимовски.

Урбанистите на Општина Центар појаснија дека новиот нацрт план не го зголемува, туку значително го намалува обемот на градење. Наместо 43.429 квадратни метри, колку што биле дозволени со стариот план, сега се предвидени 29.459 квадратни метри, односно 33% помалку. Дополнително, наместо поткровје, дозволена е градба П+2, а изградбата е ограничена на 40%.

Поради безбедноста на теренот и околните објекти, предвидено е само едно подземно ниво, а зелените површини се зголемени на 40%, што е двојно повеќе од законскиот минимум.

„Не станува збор за ново подрачје што првпат се урбанизира, туку за простор кој со години бил дел од урбанистичко планирање, а сега конечно добива план што е поодговорен, побезбеден и поблиску до потребите на граѓаните”, појаснија урбанистите на Општина Центар.

Предлог одлуката за утврдување на Нацрт детален урбанистички план за Градска четврт Ј 05-Барутана, беше изгласана на денешната седница на Советот на Општина Центар со 13 гласа за и 9 против.

Можете да прочитате

Ѓорѓиевски: По 30 години голгота – булеварот „Борис Трајковски“ добива конечно решение 

ДЗР: Возниот парк на „Комунална хигиена“ е пред колапс

Герасимовски: „Даме Груев” добива ново лице со партерно и хортикултурно уредување и нова урбана опрема