Утрински Весник
Македонија

Се претставувал како лекар – Македонец обвинет за телефонски измами во Хрватска

Screenshot 2026 07 14 154956.jpg

Педесет и осумгодишен македонски државјанин е обвинет во Хрватска дека бил дел од организирана криминална група која преку телефонски измами успеала да извлече вкупно 41.400 евра од шест граѓани на Загреб. Според хрватскиот портал „Индекс.хр“, обвинението го поднело Државното обвинителство на Република Хрватска (ДОРХ), кое го товари за повеќе кривични дела измама.

Според обвинителството, измамничката шема се реализирала во текот на јуни и јули 2025 година, а обвинетиот дејствувал заедно со неколку засега неидентификувани соучесници.


Истрагата покажала дека измамата била внимателно организирана и се одвивала во неколку чекори. Најпрво, жртвите добивале телефонски повик, при што обвинетиот лажно се претставувал како лекар кој работи во болница.

Потоа им соопштувал дека нивен близок доживеал тешка сообраќајна несреќа, дека се наоѓа во критична состојба и дека е неопходна итна и скапа операција за да му се спаси животот.

Во состојба на паника и страв, граѓаните прифаќале да платат големи суми пари, по што обвинетиот или некој од неговите соработници лично доаѓал на договорената локација за да ги подигне парите во готовина.

Според обвинението, на овој начин биле измамени шест лица, а вкупната противправно стекната имотна корист изнесува 41.400 евра.

Обвинителниот акт веќе е доставен до Општинскиот казнен суд во Загреб. Македонскиот државјанин се товари за три кривични дела измама и уште три тешки облици на измама согласно хрватскиот Кривичен закон.

Со оглед на тоа што станува збор за странски државјанин без постојано живеалиште во Хрватска, ДОРХ побарал продолжување на мерката притвор. Обвинителството смета дека постои реална опасност обвинетиот да избега, како и ризик да ги повтори кривичните дела или повторно да стапи во контакт со засега неидентификуваните членови на криминалната група.

Хрватските истражни органи продолжуваат со активностите за идентификување и на останатите лица кои, според сомневањата, учествувале во организирањето и реализацијата на измамничката шема.

Можете да прочитате

Шумски пожар кај село Бајково на Огражден, загрозена е и црквата Св. Петар и Павле, ќе интервенират два ер-трактора

Костадиновски: Обвинителите да се платат, но мора и да испорачаат

Левица: ДПМНЕ ги одби амандманите за заштита на жртвите на сексуално и семејно насилство