
Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ се соочува со сериозни финансиски, организациски и оперативни проблеми, покажува конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на претпријатието во текот на 2024 година. Ревизорите дале неповолно мислење и за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со законските прописи, посочувајќи низа системски слабости кои ја доведуваат во прашање ефикасноста на претпријатието.
Најалармантни се наодите за состојбата на возниот парк. Од вкупно 189 специјализирани возила за собирање и транспорт на отпад, само 76 биле технички исправни и функционални. Дури 80 возила биле неисправни, а уште 33 биле целосно хаварисани, што значи дека околу 60 проценти од возниот парк бил надвор од употреба.
Според ревизорите, ваквата состојба сериозно го ограничува капацитетот на претпријатието за навремено и квалитетно извршување на комуналните услуги. Дополнително, просечната старост на возилата изнесува околу 15 години, што дополнително ги зголемува трошоците за одржување и ризикот од дефекти.
Извештајот открива и сериозни недостатоци во управувањето со имотот. За дел од недвижностите не била обезбедена соодветна документација за сопственост, додека опрема во вредност од над 29 милиони денари воопшто не била евидентирана во сметководствените книги на претпријатието.
Значајни проблеми се констатирани и во наплатата на побарувањата. Ревизорите оцениле дека побарувања во вредност од околу 127 милиони денари се тешко наплатливи или имаат неизвесна можност за реализација, што дополнително ја влошува финансиската состојба.
При увидот во магацините биле констатирани и големи количини застарени резервни делови, при што околу 40 проценти од залихите биле набавени уште во 2009 година и повеќе немаат практична употребна вредност.
Во извештајот внимание привлекува и начинот на ангажирање работници. Во текот на 2024 година, претпријатието ангажирало 354 лица преку приватна агенција за привремени вработувања, за што биле исплатени околу 185,7 милиони денари. Причина за ваквиот начин на ангажирање, според ревизијата, било тоа што претпријатието не добило согласност за годишните планови за нови вработувања.
Финансиската состојба е дополнително оптоварена со високите обврски и проблемите со ликвидноста. Вкупните обврски на „Комунална хигиена – Скопје“ достигнале речиси 737 милиони денари, а доцнењето во подмирувањето на обврските кон добавувачите резултирало со дополнителни трошоци по основ на камати, договорни казни и судски постапки.
Поради сите утврдени слабости, Државниот завод за ревизија препорачува итно преземање мерки за стабилизација на претпријатието. Меѓу клучните препораки се изработка на стратегија за обнова на возниот парк, подобрување на системот за евиденција на имотот, поефикасна наплата на побарувањата, како и воспоставување механизми за редовно следење на техничката состојба на возилата и трошоците за нивно одржување.
Ревизорскиот извештај отвора сериозни прашања за управувањето со едно од најважните јавни претпријатија во главниот град, кое има клучна улога во одржувањето на јавната хигиена и секојдневното функционирање на Скопје.

