Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Оваа Влада ќе биде запаметена по проекти, по две децении најава, наскоро започнува изградбата на автопатот Скопје – Блаце

9c1b0eb2 b25b 3eae 7ab7 caa87bbda20b.jpg

Ми претставува голема чест и задоволство што денеска можеме да отпочнеме еден проект којшто со децении, би рекол, беше најавуван. А за мене како претседател на Владата претставува големо задоволство што наскоро на целата територија на државата ќе се развиваат 6 автопатски делници. 

Покрај оваа, којашто треба да го поврзе главниот град со границата со Косово, односно Блаце, тука се и делницата којашто треба да ги поврзе Тетово и Гостивар, Гостивар со местото Букојчани, го завршуваме делот од автопатот Кичево-Охрид, потоа Прилеп-Битола, и наскоро очекувам да биде завршена и процедурата којашто треба да го поврзе Букојчани со Кичево. 


Заедно со оваа автопатска делница, очекувам овие 6 автопатски делници во еден момент да се реализираат. Тоа ќе биде голема додадена вредност за македонската економија. Нешто коешто за мене претставува исклучително важно и еден од врвните приоритети на оваа Влада, економскиот развој да продолжи онака како што го поставивме пред две години кога бевме избрани како влада. 

Градежништвото како еден од главните драјвери на економскиот развој во годините кои што следат очекувам да продолжи со несмалена динамика. Во месец април имаме исклучително висок степен на реализација на проекти, голем бум на градежништвото. Последните податоци на Државниот завод за статистика велат дека е за речиси една третина подобро од минатата година за истиот месец. Тука зборувам и за ниско и за високоградба, нешто што досега е незабележано во новата историја на државата. 

Очекувам во таа насока да се движат работите и во периодот којшто следи. 

Но, дозволете да кажам и нешто што граѓаните многу добро го знаат.

Овој автопат со години беше симбол на неисполнети ветувања. Речиси секоја влада го најавуваше, секоја пред избори ветуваше дека токму таа ќе го изгради, а одредени политички партии со години се удираа во гради и зборуваа дека токму тие најмногу се грижат за овој дел од државата. На крајот, од сето тоа останаа само празни зборови, по неколку купени парцели на трасата на оваа делница од овој автопат од одредени лица со сомнителна позадина и лица кои се поврзуваат со некои политички партии, сето останато остана само на ветувања, за жал. 

Денес разликата е јасна и видлива. Наместо нови ветувања, имаме обезбедени средства, потпишани договори, избран изведувач и започната реализација. И очекувам ако биде сè како што треба со Бога напред, овој или другиот месец, Коце, да почнеме веќе со теренските активности да ги завршуваме. 

Така што, знам дека финално останува да се избере надзорот, Александар така ти ме брифираше. Се надевам дека и од банката ќе бидат брзи и експедитивни како што знаат тие сами знаат да бидат, и објективни како што знаат да бидат. И се надевам дека многу брзо и оваа процедура ќе ја завршиме и ќе може да отпочнеме со реализација на овој проект.

Оваа Влада нема намера да биде запаметена по изговори. Сакаме да бидеме запаметени по проекти, по автопати, експресни патишта, железници, училишта, болници и инвестиции што ќе останат зад нас. Тоа е нашиот одговор на сите оние кои со години само ветуваа.

Продолжуваме со работа, продолжуваме со капитални инвестиции и продолжуваме да градиме држава која ќе се движи напред.

Можете да прочитате

Голема акција против трговија со луѓе: Во Македонија откриени кривични дела, десетици прекршоци и истрага за нелегално посвојување

Претепале и изболе 14-годишник во Ченто – Обвинителството предложи мерки за осомничените

Тошковски: Каталогот за континуирани обуки е нов чекор кон модерна, професионална и ефикасна полиција