Утрински Весник
Македонија

Трет голем пожар избувна во Штип, евакуирани работници од „Албатрос“

Img 8549.jpeg

Состојбата со пожарите во источниот дел од земјата попладнево дополнително се влоши, откако во Штип избувна и трет голем пожар, овојпат во близина на штипската млекара. Поради опасноста од ширење на огнот и густиот чад, итно беа евакуирани вработените од блиската фабрика „Албатрос“.

На социјалните мрежи се појавија драматични видеоснимки на кои се гледаат десетици работници со заштитни маски како панично го напуштаат реонот, кој е целосно обвиен во чад.


„Пеколен ден за штипјани – во моментот гори и кај Штипската млекара, евакуирани се вработените во Албатрос“, објави локалната Фејсбук-страница „Секојдневието во Штип“.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување ја потврди информацијата за новиот пожар, нагласувајќи дека сите расположливи екипи се на терен и дека се преземаат мерки за негово брзо ставање под контрола.

Претходно во текот на денот сериозна беше состојбата и кај штипскиот Исар, каде пламените јазици се доближија до самите куќи, предизвикувајќи страв кај жителите.

Во меѓувреме, исклучително тешка е состојбата и во Пробиштипско, каде огнената стихија веќе проголта една куќа. Пожарот, кој избувнал меѓу селата Бучиште, Неокази и Петршино, попладнево почна да се гасне и од воздух со три авиони „Ер трактор“.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информираше дека пожарот кај селото Бучиште е локализиран, но една куќа е целосно изгорена, додека најкритична во моментов е состојбата кај селото Ратавица, каде еден крак од пожарот брзо се движи кон населеното место.

Според официјалните податоци на ЦУК, во моментов на територијата на државата се активни три големи пожари на отворено – во општините Пробиштип, Штип и Чешиново-Облешево.

Противпожарните екипи, припадниците на Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и локалните власти остануваат на терен во обид да ги стават под контрола сите активни жаришта и да спречат нови материјални штети и загрозување на населението.

Можете да прочитате

14-годишник избоден седум пати со нож – МВР не гледа обид за убиство

Владината реконструкција влегува во Собрание – Седница за новите министри на 13 јули

МВР приведе 18 возачи, најголем дел возеле без возачка дозвола