Утрински Весник
Македонија

Зајкова: Отворените листи се можност граѓаните сами да ги избираат своите претставници, а не партиските лидери

Zajkova.avif.avif.avif

Претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, во гостување во Утринското студио на Слободен Печат, повторно ја повика власта и сите парламентарни партии да покажат политичка зрелост и конечно да ја отворат суштинската дебата за изборната реформа.

„За жал едно од оние прашања кои што не се сакаше ни да се постави на маса, а притоа го напоменував во работната група речиси во секоја прилика, дека на Македонија ѝ се потребни отворени листи за да граѓаните имаат можност сами да си ги изберат претставниците и да заврши она лидерско султанство, каде што сите ќе бидат лојални на лидерот за да се најдат погоре на листата. Едноставно не се имаше желба. Можеби постои страв, можеби постои страв од губење на моќта”, вели Зајкова.


Во однос на неодамнешното интервју на премиерот, Зајкова посочува дека тој вели согласност може да се постигне за сѐ, но дека нивна црвена линија останува електронското гласање за дијаспората.

„Уште еднаш ќе упатам порака дека црвената линија на ЛДП е всушност онаа црвена линија која што ја поставија еден и пол милион граѓани со барање до нас, а тоа е да се воведат моделот на отворените листи. Апсолутно немам ништо против да се воведе електронското гласање. Напротив, ЛДП уште одамна е поборник за електронско гласање, но тоа да важи за сите подеднакво и да биде можност и за граѓаните дома и за граѓаните во дијаспората”, додава претседателката на ЛДП, Зајкова.

Зајкова го нагласува и главниот нејзин аргумент и вели дека не може граѓаните од изборната единица која ја претставува, како Скопје, Македонски брод, скопските села како Кожле, Катлановско Блаце, населените места во другите делови на државата, селата во Пелагонија, Могила, Свето Тодори или селата во Гевгелиско-Валандовскиот регион, да бидат во по-дискриминирачка положба од нашите граѓани во странство.

„Сега тие села кои што во овој закон ако се под 10 жители им се укинуваат избирачките места, не може да гласаат електронски. Велиме дека недозволиво е да не им го олесниме правото на гласање на оние кои што живеат надвор, а придонесуваат за Македонија. А, што е со овие кои што живеат во Македонија и придонесуваат во Македонија? Бидејќи секој придонесува во Македонија кога останал тука да живее, плаќа придонеси, плаќа даноци. Затоа велам дека апсолутно немам ништо против дијаспората. Напротив, мислам дека и нашите граѓани во дијаспората сакаат да видат една поразвиена Македонија и би им било драго доколку ги имаат истите права со македонските граѓани кои живеат во Македонија, односно ако сите имаат можност да гласаат електронски”, завршува претседателката Зајкова.

Можете да прочитате

Уапсена кичевчанка: Во алкохолизирана состојба ја нападнала малолетната ќерка

Десет осуденици во Македонија казната ја издржуваат со електронска алка

Сексуален напад во Затворот во Штип: Осуденик пријавил дека бил силуван од друг затвореник