
Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави конечен извештај за финансиското работење и усогласеноста на ЈЗУ Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија за 2024 година, при што се утврдени слабости во повеќе сегменти од работењето на оваа здравствена установа.
Според ревизорскиот извештај, забележани се недостатоци во управувањето со залихите на лекови и медицински материјали, во спроведувањето на јавните набавки, како и во наплатата на побарувањата. Дополнително, ревизорите укажуваат дека Клиниката е значително оптоварена поради големиот број пациенти кои се примаат по итни упати.
Констатирано е дека не е воспоставено редовно и навремено евидентирање на потрошувачката на лекови и медицински материјали во сметководствената и материјалната евиденција. Дел од набавките биле реализирани уште пред склучувањето на договорите, со образложение дека тоа било неопходно за непречено извршување на здравствената дејност.
Ревизорите утврдиле и дека Клиниката нема формирано болничка аптека, која согласно прописите треба да биде задолжена за управување со залихите на лекови и медицински материјали.
Во извештајот се посочуваат и неправилности во примената на Законот за јавни набавки во дел од постапките, како и постоење на побарувања постари од три години, за кои постои неизвесност дали ќе бидат наплатени. Забележана е и разлика помеѓу пресметаната и реално наплатената партиципација за здравствени услуги.
Посебен акцент е ставен на големиот број итни прегледи, при што дури 66 проценти од сите прегледи биле реализирани преку итни упати или упати без термин, што претставува значително отстапување од функционирањето на системот „Мој термин“.
Според ДЗР, ваквата структура на упатувања создава дополнителен притисок врз капацитетите на Клиниката и може негативно да влијае врз ефикасноста на работењето и достапноста на здравствените услуги за пациентите.
За надминување на утврдените состојби и подобрување на работењето, Државниот завод за ревизија упати вкупно осум препораки до Клиниката за торакална и васкуларна хирургија.


