
Соопштение на „Сакам да работам“:
Разочарани сме што пратениците на најголемите македонски партии не ги прифатија нашите апели. Изгласувањето на законот за игри на среќа и покрај нашите предупредувања и забелешки е јасна и сурова порака за нас вработените. Веројатно не сме подобни за вниманието кое го бараме од надлежните институции.
Мнозинството пратеници озаконија политичко – етнички инженеринг. За задоволување на политички поени во наредните две години 10 илјади работни места постепено ќе бидат жртвувани, што ќе предизвика 35 илјади нови иселеници од Македонија.
Македонија од денес, во секторот на игри на среќа ја очекуваат многу сериозни предизвици. Наместо да го избегне албанското сценарио, политичките елити одлучија да го пресликаат. Постепеното затворање на легалните објекти за игри на среќа ќе предизвика хаос. Ќе никнуваат играчници на диво по подруми, на државата ќе и се лизга од раце досегашната контрола, младите ќе станат лесна мета на профитери од црниот пазар. Дежурните критичари на игрите на среќа, кои со години водат негативна кампања за овој економски сектор, никогаш нема да преземат одговорност за последиците кои неминовно следат.
Сметаме дека е наша должност да се бориме до последен sдив. Ние не сме печалбари во сопствената земја. Нема мирно да седиме кога некој намерно не брка во странство. За секое изгубено работно место ќе ги користиме сите демократски и правни механизми за борба. Тогаш кога надлежните ќе почнат да се соочуваат со негативните последици од овој закон, тогаш ќе следат масовни протести, на кои сме сигурни дека нема да бидат само вработените.
Како последно надлежна во законодавната постапка, јавно ја повикуваме претседателката Гордана Силјановска Давкова да не го потпишува указот за стапување во сила на Законот за игри на среќа и забавни игри за да спречи социјална бомба.

