Утрински Весник
Македонија

Петровска до Мисајловски: Зошто две години во Министерството за одбрана платите не се зголемени?

Petrovska sdsm.jpeg

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, на денешната седница за пратенички прашања побара одговори од министерот за одбрана Владо Мисајловски за сериозни недоследности и сомнежи во работењето на Министерството за одбрана.

Петровска побара одговор зошто по две години мандат нема зголемување на основните плати за вработените во Министерството за одбрана и Армијата, зошто со ребалнсот се кратат пари за министерството. Воедно, Петровска побара објаснување дали намерно се криеле документи поврзани со Колективниот договор и дали јавноста две години била доведувана во заблуда со невистинити тврдења.

Во продолжение е интегралното обраќање на Петровска:


Министре Мисајловски, минатиот пат, како што напоменав, тоа беше на седницата за пратенички прашања која беше одржана на 30 април, точно пред околу два месеци, поставив пратеничко прашање за склучување на нов Колективен договор. Тогаш, меѓу многуте лаги што ги кажавте со намера да ме обвините мене, го кажавте и следново. Цитирам од стенографските белешки:

„Прво да видиме што кажале од Државниот завод за ревизија за Колективниот договор што јас го потпишав, ајде така да се изразам. Знаете дека беа во Министерството и утврдија дека постапката за негово донесување е незаконска. Не се обезбедени средства, не се обезбедени финансии во тековниот буџет. Исто така, не е пријавен во регистарот што го води Министерството за труд. Како вие носите? Кој ви дал согласност? Дали Владата ви даде согласност да донесете Колективен договор?”

Оваа ваша приказна за наводно незаконски Колективен договор, за наводно матни набавки, за мое незаконско работење и така натаму, веќе две години се обидувате да ја манипулирате јавноста, да кажувате невистини така како што вас ви одговара.

А секогаш кога ќе ви речам и ќе ве поканам на телевизиско соочување, за рамноправно да можеме да ги соочиме фактите, одговор нема. Вие бегате. Премногу сте зафатен. Добро, затоа ќе ја искористам оваа говорница да ги соопштам фактите. Факт број еден, со кој се негира вашата лага дека овој договор е незаконски и дека не добил согласност од Владата, е овој извадок од записник од седница на Владата, одржана на 13 февруари 2024 година.

Во него се вели:

„Владата ја разгледа информацијата за давање овластување на министерот за одбрана за потпишување на нов Колективен договор на Министерството за одбрана, со текст на Колективниот договор, ја усвои информацијата и ја овласти Славјанка Петровска, министер за одбрана, да го потпише Колективниот договор на Министерството за одбрана.”

Ова е дел од архивите и на Владата и на Министерството за одбрана. Ова е првиот документ кој, во обид да ме обвините за наводно незаконско работење, го криете од Државниот завод за ревизија.

Вториот документ што го криете од Државниот завод за ревизија е овој допис од тогашниот државен секретар во Министерството за одбрана, испратен и уредно примен во тогашното Министерство за труд и социјална политика, во кое се известува дека на тој и тој ден, со архивски број, е склучен Колективен договор за период од две години.

Во прилог на овој акт ви се доставува примерок од склучениот договор за ваше запознавање. Потпишан е поранешниот државен секретар, како и тогашниот и сегашниот тогаш  раководител, а сега директор на Правната служба во Министерството за одбрана. И овој документ го криете и од Државниот завод за ревизија и од јавноста.

И еве, да речеме дека ова не било така, дека не сте знаеле. Иако е така, бидејќи ова се документи кои ги има, повторно ќе речам, во архивите. Без нервоза, министре. Без нервоза. Затоа што, ако е така, ќе треба вие со ваше писмо да ги доставите до Државниот завод за ревизија. Но, ако не е така, тогаш да видиме што направило Министерството.

На 6.4.2026 година, Министерството, со решение потпишано од раководителот на Секторот за поддршка на министерот – човек кој е најблиску до вас и е од ваша најголема доверба – е дадено и потпишано издаде решение за уважување на барањето за слободен пристап до информации.

Со тоа барање, барателот побарал да му биде доставена копија од доказ дека Колективниот договор е доставен за евиденција до Министерството за труд и социјална политика.

Барањето, како што реков, се уважува и се дава следниот одговор:

„Во врска со вашето барање Ве известуваме дека Министерството за одбрана не поседува таков доказ. Имено, во членот 231 од Законот за работни односи е предвидено дека до Министерството за труд се доставува известување за склучен Колективен договор, а не и примерок. Исто така, во наведениот член не постои обврска работодавачот, во конкретниот случај Министерството за одбрана, има обврска да достави известување до Министерството за труд за склучен Колективен договор.”

Ова решение, овој одговор на барањето за слободен пристап до информации е спротивен не само на вистината, дека такви документи постојат, туку е спротивно и на тоа што вие го изјавивте на оваа говорница на 30 април и на тоа што веќе две години го изјавувате.

Сега имаме проблем. Или вашиот шеф на кабинет не слуша што му зборува министерот.

Или некој вам ви подметнува документи. Или вие свесно ги криете. Што е вистината?Барам одговор од вас. Тоа е моето прво пратеничко прашање.

Второто пратеничко прашање е исто така дел од обвинувањата дека кога сте дошле вие во Министерството, буџетот бил блокиран. Кажано едноставно, дека сум го заглавила јас Министерството, дека сум склучувала договори за кои немало пари и дека дури сум ја довела во опасност борбената готовност на државата. Ако е така, зошто во 2025 година и во 2026 година, со ребалансите на Буџетот, на Министерството за одбрана му се скратени повеќе од 20 милиони евра?

Па, Министерство што нема пари, како му кратат средства ако вие имате преземено обврски, зошто вие сте го дозволиле тоа? Тоа е моето второ прашање.

И третото прашање, од кое бегате, е: Зошто две години во Министерството за одбрана платите не се поместени?

Зборувам за основната плата. И не само што не се поместени, оваа година, во ребалансот – барем тој што го добивме ние, не знам дали сте консултирани во делот на Министерството за одбрана – ставката за плати и надоместоци се намалува за повеќе од 10 милиони денари. За сметка на тоа, ставката за договорни услуги се зголемува за повеќе од 40 милиони денари. Што ви е приоритет? Договорните услуги или стандардот на вработените во Министерството за одбрана и Армијата? И уште пострашно. Во време на сезона, ова би беше една од вашите најголеми пофалби беше колку сте ги зголемиле дотациите кон општините поврзани со пожарникарите и таа ставка ви ја кратат.

Од една милијарда денари на 770 милиони денари. Тоа се 230 милиони денари помалку. Што значи тоа? Го намалувате бројот на пожарникари? Ги намалувате средствата за нивна исплата во време кога пожарната сезона веќе започна? “.

Можете да прочитате

Со буџет од 4,4 милијарди евра, Македонија влегува во најголемата здравствена програма на ЕУ

Се финализираат измените на Изборниот законик

Македонија губи население, а инвестициите што можат да донесат работа се соочуваат со отпор