Утрински Весник
Македонија

Тошковски: „Не се напаѓа оној што не работи — толкава сила се крева само против оној што менува нешто” 

Interpelacija.png

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес одговори на третата интерпелација поднесена против него за помалку од две години — рекорден број во толку краток временски период. Уште на самиот почеток, Тошковски нагласи дека демократското право на опозицијата го почитува целосно, дека не е бегал ниту ќе бега од расправа, и дека нема причина да се крие. „Дојдов да одговорам јавно, пред пратениците и пред граѓаните, затоа што нема од што да се кријам”, рече министерот.

Тошковски посочи дека во изминатиот период СДСМ, ДУИ и Левица — партии кои навидум се спротивставени — повторно и во ист ритам ги насочија своите напади кон него. Тоа, рече министерот, не го доживува како закана, туку како потврда дека работата дава резултати. „Не се напаѓа оној што не работи. Не се троши толкава енергија на оној што ништо не менува. Толкава сила се крева само против оној што менува нешто, а во случајов менува токму таму каде што нив најмногу ги боли.”


Анализирајќи ги наводите во документот, Тошковски укажа на очигледни внатрешни противречности. Во едно поглавје, наводно, е „вмровски војник” кој создал партиска полиција. Во следното, наводно, склучил „дил” со ДУИ за да го заштити Артан Груби. Во трето, наводно ги штити луѓето на коалициските партнери. „Одлучете се, господа. Дали сум војник на едните или адвокат на другите? Кога ќе обвините некого дека ги штити баш сите, тогаш не сте напишале интерпелација — сте напишале манипулативен текст што самиот се побива уште на втората страница.”

Посебно ја нагласи иронијата: партијата која го обвинува дека склучил договор со ДУИ, со тоа што го напаѓа него — прв човек на МВР кое поднесе кривична пријава против Груби — всушност ја врши работата на ДУИ. „Свесно или несвесно, тоа нека си го одговорат сами”, рече Тошковски.

Најголемиот дел од наводите, посочи министерот, се сведуваат на едно: дека тој, министерот, не пресудил некому. Тошковски ова го окарактеризира или како вистинска правна неписменост или како намерна манипулација. „Многу пати досега сум кажал, а ќе повторам и сега. Полицијата поднесува кривична пријава. Полицијата обезбедува докази. Полицијата постапува по наредба на јавниот обвинител. И тука завршува нејзината надлежност. Кој ќе биде обвинет, одлучува обвинителството. Кој ќе биде притворен, одлучува судот. Кој е виновен, одлучува судот со правосилна пресуда. Тоа не е мое мислење — тоа се уставот и законите на оваа држава.”

Во случајот со мазутот, потсети Тошковски, МВР поднесе кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал, спроведе акција во повеќе градови, запленети се оружје, муниција, телефони и возила, приведени се тринаесет лица, а целокупниот доказен материјал е доставен до обвинителството. Дали и зошто постапката е запрена потоа, е одлука исклучиво на обвинителството, а не на министерот. „Ако имате приговор на таа одлука, адресата е ОЈО за ГОКК. Времето кога министерот и премиерот одлучуваа кој ќе биде обвинет, заврши со паѓањето од власт на вашите денешни партнери во овој театар.”

Во случајот со Груби, МВР поднесе пријава, тој побегна, а кога се врати, беше приведен и изведен пред судија на претходна постапка. „За него постоеја определени оперативни безбедносни сознанија и полицијата е должна тие сознанија да ги сподели со обвинителот, а не да ги сокрие. Каков притвор ќе му се определи, одлучуваат обвинителството и судот. Не јас.”

Министерот посебно се задржа на темата која бара посебен пристап. „Има едно место во овој документ каде политиката мора да застане. Шеесет и три млади животи. Шеесет и три семејства на кои светот им се сруши за една ноќ. Јас нивната болка нема да ја претворам во политички поен. И ве молам сите во оваа сала — имајте барем малку пристојност и емпатија и вие да не го правите тоа.” Нагласи дека во предметот има над 40 осомничени, дека случајот е во судска постапка, и дека секој за кого постојат докази ќе си одговара. На тие кои истрагата ја нарекуваат „фарса” им порача: „Во седум години, имаше три големи трагедии и над седумдесет загубени животи. За сите нив — ниту една кривична пријава. Ниту една. Затоа, поштедете ме од лекции за одговорност.”

Во однос на насилството врз жените и децата, Тошковски нагласи дека зад секој случај стојат човечки судбини и дека нема да води политика. Таму каде полицијата потфрлила, тоа ќе го каже отворено: во еден од случаите, внатрешната контрола утврди пропусти кај голем број полициски службеници и беше поднесена иницијатива за нивна одговорност. „Никој не е амнестиран и токму така треба да изгледа систем што функционира. Не систем кој никогаш не греши, зашто таков нема нигде во светот, туку систем во кој секој одговара доколку постапи спротивно на законот.” Тошковски исто така соопшти дека МВР, заедно со Министерството за образование, потпишало декларација за системска и заедничка работа против насилството, врсничкото насилство, булингот и семејното насилство. „Вистинскиот одговор е превенција, а не прес-конференција откако ќе се случи некој немил настан.”

Во врска со заканите со сексуално насилство упатени кон млада советничка, министерот ги осуди без никаква резерва и без оглед на партиската припадност. „Насилството врз жената нема партиска боја. И кој го оправдува тоа насилство заради политичката припадност на жртвата, го изгубил правото да држи лекции за морал.”

Тошковски потсети на остварувањата на МВР во изминатиот период. Вкупниот криминалитет е на најниско ниво во последните дваесет години. Ефикасноста на полицијата е над 67 отсто — исто така највисока во последните дваесет години. Разбиени се шеснаесет организирани криминални групи со вкупно двесте и пет членови, групи кои до неодамна се убиваа меѓусебно по македонските улици. Само во една акција се расчистени осум убиства извршувани со години наназад. На патиштата, во првите пет месеци од годинава загинале 39 лица, наспроти 56 во истиот период лани. „Овие 17 помалку жртви не се само статистика. Зад секоја бројка стои нечие дете, родител, сопруг, сопруга или пријател, кој се вратил безбедно дома.”

Системот „Безбеден град” — прв целосно автоматизиран систем во историјата на државата — е направен токму за да не може повеќе ниту една врска, ниту еден телефонски повик, ниту една партиска книшка да скине казна. „Селективноста за која ме обвинуваат, јас ја направив технички невозможна. Чудно за човек кој наводно постапува селективно, нели?”

На граничните премини, наместо две проверки денес има само една и значително пократки редови. Воспоставен е вистински систем „едно место” со Косово и Србија, а во наредните недели истото ќе се имплементира и со Албанија — со тоа ги заокружувајќи сите соседи надвор од шенген зоната. Реновирани се управните служби во Скопје, и веќе го нема хаосот и нередот во кој граѓаните со нарушено човечко достоинство чекаа да извадат личен документ. „Денеска тоа го прават во нови, современи простории, онака како што доликува на европска земја.”

На крај, министерот директно ја постави прашањето за позадинската логика на нападот. Левица се претставува како партија против сите, против целиот систем. Но оваа интерпелација, удирајќи по него, удира по институцијата која за прв пат по триесет години покажа дека законот важи еднакво за сите — особено за оние кои мислеа дека се недопирливи, имено поранешните власти на ДУИ и СДСМ. „Па кога партија која гласно тврди дека е против сите нив ќе го нападне токму оној кој ја разградува нивната неказнивост, логички се поставува прашањето: кому му користи тоа? И така Левица, која глуми дека е против сите, во пракса стана најкорисниот сојузник на оние против кои низ годините го градеше својот имиџ.”

Можете да прочитате

Border bites целодневен настан во сабота во Дојран

Средба на Сиљановска-Давкова со Луис Гарсија Монтеро, директор на Институтот „Сервантес”

Сопственичка на кравите од Кривопаланечко заработи кривична, им се заканувала на инспектори од АХВ