
Поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, во својата најнова анализа предупредува дека економскиот раст базиран претежно на личната потрошувачка има сериозни ограничувања и не може да биде долгорочен модел за развој на македонската економија.
Во објавата на социјалните мрежи, Миноски посочува дека потрошувачката несомнено е важен двигател на економската активност и еден од основните принципи на кејнзијанската економска теорија, според која поголемата потрошувачка води кон поголемо производство, отворање нови работни места и создавање нов доход.
Сепак, тој нагласува дека историјата покажала оти ваквиот модел може да даде резултати само на краток рок, додека за одржлив развој неопходни се инвестиции, технолошки напредок, повисока продуктивност и конкурентен извоз.
Миноски предупредува дека економиите кои претежно се потпираат на потрошувачката често се соочуваат со зголемени трговски дефицити, раст на задолженоста, инфлаторни притисоци и ниска продуктивност.
Според него, македонската економија со години покажува карактеристики на модел кој во голема мера зависи од личната и јавната потрошувачка, растот на платите и дознаките од странство, додека хроничниот трговски дефицит и недоволното ниво на домашни инвестиции остануваат сериозен предизвик.
„Клучното прашање не е дали потрошувачката е важна, туку дали успеваме да изградиме модел во кој таа ќе биде резултат на создадена вредност, а не главен извор на економскиот раст“, оценува Миноски.
Тој порачува дека ниту една земја не станала богата затоа што повеќе трошела, туку затоа што повеќе произведувала, инвестирала и извезувала, додавајќи дека на Македонија ѝ се потребни нови развојни концепти, поефикасни институции и политики насочени кон создавање нова вредност и зголемување на конкурентноста на економијата.

