Утрински Весник
Македонија

Зајкова: Додека институциите калкулираат, жртвите плаќаат цена – електронската нараквица мора веднаш да стане алатка за превенција

Monika zajkova 24 analiza.jpg

„Не смееме повеќе да дозволиме жртвите на семејно насилство да бидат обесхрабрувани од системот кој треба да ги заштити. Изминатиот период слушнавме случаи во кои полициски службеници предупредуваат жртви дека може кривично да одговараат за лажна пријава доколку насилството не се докаже. За човек кој се соочува со страв, закани и притисоци, ваквите пораки не се охрабрување, туку дополнителна бариера за пријавување”, истакна претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, во емисијата „24 Анализа”.

Таа посочи дека институциите мора да работат побрзо и поефикасно, бидејќи денес жртвите често се соочуваат со долги процедури и административни лавиринти за да добијат заштита.


„Во работната група разговараме за поедноставување на процедурите – дали потврда од Центарот за социјални работи, пријава во МВР или стручно мислење од психолог може да бидат доволна основа за итна реакција. Наместо постојано да се сомневаме дали жртвата ќе го злоупотреби законот, треба да се запрашаме колку често сторителите ги користат законските празнини и институционалната некоординираност за да избегнат одговорност”, нагласи Зајкова.

Таа предупреди дека државата не смее повторно да дозволи решенија што можат да спасат животи да чекаат со години во фиока.

„Како што системот ‘Сејф Сити’ чекаше речиси една деценија да биде ставен во функција, така не смееме да дозволиме и мерките за заштита од семејно насилство да се одложуваат додека бројот на жртви расте. Секое одложување значи изгубено време и потенцијално нова жртва”, рече таа.

Зајкова потенцираше дека електронската нараквица не е само техничко решение, туку клучен механизам за превенција.

„Линијата 112 и снимките од повиците се важни докази, но тие доаѓаат откако жртвата веќе се нашла во опасност. Електронската нараквица делува порано – таа предупредува, спречува и штити. Тоа е суштинската разлика помеѓу реакција и превенција. Нараквиците веќе постојат во депото на Управата за извршување санкции и затоа нема оправдување за ново одолговлекување.”

Таа изрази очекување законските измени да добијат итен приоритет во Собранието.

„Ако можеме за неколку часа да закажеме комисиска расправа за други прашања, тогаш можеме и мораме да обезбедиме брза постапка за мерки што директно спасуваат човечки животи. Време за чекање повеќе нема – секој ден без систем за превенција е ден во кој државата ризикува да потфрли пред своите граѓани”, заклучи претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

Можете да прочитате

Автомобил во движење се запалил во близина на ГП Ќафасан

СДСМ: Нов скандал во Владата на Мицкоски – Јанушев со фирма во Бугарија?

Уапсени две лица во Скопје – во возило пронајдени околу 90 пратки стока без соодветна документација, возачот управувал без возачка дозвола