
Во пријатна и инспиративна атмосфера, пред многубројни љубители на книжевноста, писатели, студенти и професори од Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на културниот живот во Хрватска, во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб се одржа книжевна вечер посветена на современата македонска книжевност и на авторите Снежана Младеновска Анѓелков и Игор Анѓелков.
Творештвото на Снежана Младеновска Анѓелков и Игор Анѓелков, препознаено и од книжевната критика и од читателската публика, претставува значаен придонес за современата македонска книжевност и за нејзината афирмација надвор од националните граници.
Публиката имаше можност непосредно да се запознае со книжевните патишта на авторите, нивните творечки искуства и размислувања поврзани со креативниот книжевен процес. Разговорот го водеше реномираната преведувачка, книжевна промоторка и уметничка директорка на фестивалот „Причигин”, Патриција Хорват. Нејзината долгогодишна посветеност на книжевноста, книжевното преведување и на културната промоција претставуваат вреден придонес во поврзувањето на авторите и читателите од различни јазични и културни средини.
Во динамичниот и интересен разговор, посебно беше истакнат фактот што двајцата автори во различни свои творечки периоди престојуваа на книжевни резиденции во Хрватска, во Пазин и Сплит. При овие книжевни престои создадени се делови од нивните најзначајни книжевни дела. Токму со ова, се создаваат книжевни и културни врски кои претставуваат мост меѓу двете земји и ја потврдуваат блискоста и постоечката плодна соработка меѓу македонската и хрватската книжевна сцена.
Во своето обраќање, директорката на македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, истакна дека „преку книжевноста, уметноста, музиката, филмот и другите облици на творештво се градат трајни пријателства, се премостуваат границите и се создава простор за меѓусебно разбирање и почитување. Токму затоа секој ваков настан претставува значаен придонес за продлабочувањето на културните врски меѓу Македонија и Хрватска, како и за промоцијата на современите македонски автори на меѓународната сцена.”
Настанот беше реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам во рамките на годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, уште еднаш потврдувајќи ја важноста на културната дипломатија, книжевната размена и меѓусебното културно поврзување како темели на успешната соработка меѓу Македонија и Хрватска.


