
Министерот за здравство Азир Алиу во интервјуто за „Ноќно студио“ на „4ТВ“ се осврна на неколку долгогодишни проблеми во здравствениот систем – од статусот на приватните специјализанти и недостигот на стручен кадар, до административните процедури кои ги забавуваат капиталните проекти.
Говорејќи за приватните специјализанти, Алиу рече дека по разговорите со нив и со администрацијата дошол до сознанија кои, како што истакна, биле неприфатливи.
„Дознав дека дел од приватните специјализанти, за жал, не одат на дежурства и дежурни турнуси во државните клиники, туку работат во приватни здравствени установи за да заработат дополнителен приход, бидејќи месечните примања од државата се околу 24.000 денари. Тоа за мене е страшно. Колку и да е мала таа сума и колку и да доцнеле исплатите поради административни процедури, тоа не може да биде оправдување за неодење на задолжителната пракса. Утре сите ќе бидеме пациенти на тие доктори. Специјализацијата мора да се одвива според утврдениот курикулум и потпишаниот договор“, изјави Алиу.
Тој најави дека по надминувањето на административните проблеми, исплатите ќе се реализираат навремено, а ќе биде воспоставен и построг систем за контрола на исполнувањето на обврските.
Осврнувајќи се на недостигот од одредени медицински профили, како што се цитолозите, министерот оцени дека досегашниот начин на доделување специјализации создал сериозен дисбаланс во здравствениот систем.
„За жал, во државата ни недостигаат неколку клучни профили без кои системот не може да функционира. Досега специјализациите често се отвораа по лични врски, семејни традиции или лични желби. Така добивме дефицит на едни специјалности и суфицит на други. Веќе ми се јавуваат луѓе да ургираат, но јавно порачувам дека повеќе нема да се отвори ниту една специјализација или субспецијализација без сериозно образложение од директорот дека таа ќе биде потребна во следните пет години“, рече Алиу.
Според него, новиот систем ќе се темели на анализа на реалните потреби преку податоците од здравствените установи и системот „Е-Здравство“, со што ќе се избегнат субјективни одлуки и можни злоупотреби.
Министерот се осврна и на проектот за нов паркинг во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, признавајќи дека на почетокот го потценил обемот на административните процедури.
„Во втората недела од мандатот реков дека за три месеци ќе го решиме хаосот со паркингот. Денес, една година и една недела подоцна, сфаќам колку сложени се процедурите. Само за административните постапки потрошивме пет месеци – се подготвуваа елаборати, се решаваа имотно-правни прашања и предметот двапати одеше на владина седница. Сега договорот со Град Скопје е потпишан и веќе следната недела ќе биде објавен јавниот повик“, изјави Алиу.
Тој оцени дека овие примери најдобро покажуваат колку е важно институционалните процеси да се поедностават за да можат проектите побрзо да се реализираат.



