Утрински Весник
Спорт

Мбапе со двоен удар ја одведе Франција до победнички старт

Img 7389.jpeg

Франција успешно го отвори настапот на Светското првенство, откако на „МетЛајф“ стадионот во Њу Џерси го совлада Сенегал со 3:1 во натпреварот од првото коло во И групата. По неубедливото прво полувреме без голови, избраниците на Дидие Дешан во продолжението го покажаа својот квалитет и со два гола на Килијан Мбапе и еден на Бредли Баркола стигнаа до заслужен триумф.

Сенегал беше поопасниот тим во првите 45 минути и беше блиску до водство. Николас Џексон ја погоди стативата, а Исмаила Сар во самиот финиш на полувремето не успеа да ја искористи одличната можност, испраќајќи ја топката над голот.


И покрај слабата игра на Французите, селекторот Дидие Дешан не направи измени на полувремето, туку само ги ротираше позициите на Мајкл Олисе и Усман Дембеле. Токму таа промена донесе поголема креативност во играта на „триколорите“.

Франција почна да создава шанси, а Мбапе и Олисе не успеаја да реализираат во ситуации „еден на еден“ со голманот Едуар Менди. Следуваше и спорен момент кога Французите бараа пенал по дуелот меѓу Садио Мане и Мбапе, но судијата остана нем.

Префрлањето во повисока брзина конечно даде резултат во 66. минута. Олисе испрати прецизна топка зад одбраната, а Мбапе рутински го совлада Менди за водство од 1:0.

Само неколку минути подоцна, резервистот Бредли Баркола го удвои водството. Одличната акција ја започна Адриен Рабио, кој продре низ средината, а потоа несебично му асистираше на Баркола, кој елегантно го префрли Менди за 2:0.

Во судиското продолжение Сенегал успеа да намали преку Ибраихм Мбај, кој го искористи несигурното реагирање на Мајк Мањан. Но радоста на Африканците траеше кратко – само триесетина секунди подоцна Мбапе испрати фантастичен удар од околу 25 метри и ги постави конечните 3:1.

Со оваа победа Франција ги освои првите три бода на шампионатот и испрати јасна порака дека повторно е меѓу главните кандидати за светската титула.

Можете да прочитате

8. ден од СП: БиХ се соочува со Швајцарија, Мексико и Јужна Кореја за првото место во групата

Гроздановски: Талентите се губат поради притисокот од родителите во Македонскиот фудбал

Португалија разочара одигра нерешено со ДР Конго