Утрински Весник
Македонија

Д-р Чибишев предупредува: Едно залче може да биде кобно – отровна салама фрлена во парк

Cibisev.jpg

Токсикологот д-р Андон Чибишев предупредува на сериозен безбедносен ризик откако во парк на територијата на Скопје била пронајдена салама контаминирана со високо токсичен пестицид, кој може да биде смртоносен и за луѓето и за животните.

Според информациите што ги објави Чибишев, случајот бил откриен кога деца кои си играле во паркот забележале парчиња салама премачкани со бела прашкаста материја. Поради сомнеж дека станува збор за опасна супстанца, примероците биле испратени на анализа во Институтот за судска медицина и криминалистика.


Лабораториските испитувања покажале присуство на метомил, познат и под трговското име „Ланате“ – карбаматен инсектицид што се користи во земјоделството, но кој, според токсикологот, често незаконски се злоупотребува за труење на бездомни кучиња и други животни.

Доктор Чибишев предупредува дека станува збор за исклучително опасна материја која многу брзо се апсорбира во организмот и може да предизвика тешко труење. Симптомите најчесто започнуваат со гадење, повраќање, пролив, обилно потење, стегање во градите, отежнато дишење, болки во стомакот и нарушување на свеста. Во потешките случаи може да дојде до парализа на респираторниот систем, откажување на виталните органи и смртен исход доколку не се реагира навреме.

Тој посебно апелира дека вакви опасни материи оставени на јавни површини претставуваат директна закана за децата, кои од љубопитност можат да ги земат во раце или дури да ги внесат во организмот.

„Вака расфрлана салама од љубопитност може да ја изеде и некое дете“, предупредува Чибишев, потенцирајќи дека последиците би можеле да бидат трагични.

Токсикологот ги повика надлежните институции итно да го истражат случајот, да ги пронајдат сторителите и да преземат најстроги законски мерки против лицата кои оставаат отровни материи на јавни места, со цел да се спречат евентуални трагедии и да се заштитат граѓаните.

Можете да прочитате

Мојсоска: Преку казината власта го пере црниот кеш и затоа не смее да ги затвори коцкарниците

ДОМ: Под превезот на дигитализација се отвора пат за експрес одобрување на изградба на дата-центри! 

Пет лица уапсени за дрога во последните 24 часа