
Пишува: Проф. Д-р Иван Анастасовски
Реформската агенда 2024 – 2027 која е дел од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, е еден од позначајните документи што Македонија ги има преземено на патот кон Европската Унија. Таа не е само список на желби, туку конкретен договор со Европската комисија во делот на реформите како замена за финансиска поддршка и побрза економска интеграција. Планот за раст на ЕУ предвидува значителни средства за земјите од Западен Балкан, но исплатата зависи од исполнувањето на преземените обврски.
Може да се каже дека во изминатиот период Македонија покажа одреден напредок во дигитализацијата, образованието, енергетиката и усогласувањето со европските стандарди. Дел од реформите веќе овозможија ослободување на средства од европскиот Фонд (65,7 милиони евра) за реформи и раст, што е позитивен сигнал за нашата држава.
Сепак, суштинското прашање останува дали реформите се спроведуваат заради Брисел или заради македонските граѓани?
Вистинската вредност на реформската агенда не е во бројот на усвоени закони, туку во нивната примена. Судството сè уште се соочува со голема недоверба кај граѓаните, јавната администрација останува обемна и често неефикасна и непрофесионална, а борбата против корупцијата продолжува да биде најголемиот предизвик. Без резултати во овие области, секој реформски документ ризикува да остане само добра политичка декларација.
Од една страна, особено важни се реформите во енергетиката и дигиталната трансформација. Тие не се само европско барање, туку предуслов за поголема конкурентност на македонската економија, привлекување инвестиции и отворање нови работни места. Од друга страна, јавноста има право да бара поголема транспарентност. Граѓаните треба јасно да знаат кои закони се донесени, кои рокови се исполнети и каде има доцнења. Реформската агенда не смее да биде документ познат само на институциите и експертите.
Сепак, успехот на реформската агенда нема да се мери според бројот на усвоени стратегии, туку според тоа дали граѓаните ќе почувствуваат подобро образование, поефикасни институции, побрзи услуги, помалку корупција и повисок животен стандард. Токму таму лежи вистинскиот тест за Македонија реформите да не бидат европска обврска, туку македонска потреба, оти тие (реформи) не се цел сами по себе, тие се средство Македонија да стане поуредена, поконкурентна и поевропска држава. Колку побрзо тоа го разбереме, толку поблиску ќе бидеме до европската иднина.
Иако реформската агенда на Македонија носи значајна финансиска и политичка поддршка од Европската Унија, постојат и повеќе критики и потенцијални негативности, и тоа во делот на бавното спроведување на реформите, односно усвојувањето на законите не секогаш значи и нивна практична примена. Често постои јаз меѓу формалните обврски и реалните резултати. Понатака ограничен институционален капацитет, каде дел од институциите немаат доволно човечки и технички ресурси за брзо и квалитетно спроведување на реформите. Голема политизација на процесот со што реформите понекогаш стануваат предмет на дневнополитички пресметки, наместо да бидат национален консензус. Има крајно незадоволителни резултати во борбата против корупцијата и покрај реформските заложби, јавноста сè уште очекува повидливи резултати во високата корупција и владеењето на правото. Како држава имаме сериозна зависност од европски фондови каде дел од проектите се потпираат на средства од ЕУ, што може да создаде проблеми доколку дојде до застој во исплатите поради неисполнети обврски, токму поради ова не смееме да го доведуваме во прашање нашиот европски пат. Нема директна гаранција за членство во ЕУ иако реформите се неопходни, нивното спроведување не значи автоматско отворање или завршување на преговорите, особено поради билатералните спорови. Ризик од реформски замор каде долгиот процес може да создаде разочараност кај граѓаните ако не ги почувствуваат придобивките во секојдневниот живот.
Суштинската критика е дека реформската агенда може да стане административна обврска за добивање европски средства, наместо вистински инструмент за трансформација на државата, доколку не биде проследена со силна политичка волја, отчетност и мерливи резултати.


