
Во ООУ „Исмаил Ќемали” во Чаир денес свечено беа отворени 30. Регионални спортски игри на пензионерите, во организација на Здружението на пензионери на Општина Чаир. Оваа традиционална манифестација веќе три децении промовира активен живот, дружење и спортски дух меѓу пензионерите.
На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, кој со своето присуство им оддаде почит на пензионерите и го поздрави организирањето на оваа манифестација со значајна општествена и рекреативна вредност.
На овогодинешните игри учествуваа 330 пензионери од девет здруженија на пензионери, односно од Чаир, Бутел, Гази Баба, Центар, Аеродром, Кисела Вода, Шуто Оризари, Илинден и Здружението на воени инвалидски пензионери.
Преку различни спортски дисциплини, пензионерите имаа можност да ја покажат својата виталност, енергија и духот на заедништво што ја карактеризира оваа традиционална манифестација. Првопласираниот учесник ќе обезбеди пласман на Републичките спортски игри на пензионерите, претставувајќи го регионот на државно ниво.



