Утрински Весник
Спорт

Матеј Николов за искуството во Атлетико: Таму навистина се живее за фудбалот

Sequence 01.00 45 15 06.still002 1280x720 1.jpg

Еден од најталентираните млади македонски фудбалери, Матеј Николов, кој настапува за пионерските категории на ФК Вардар под водство на тренерот Христијан Кировски – Џери, беше гостин во премиерното издание на емисијата „Мундокаст“ на 4ТВ, каде ги сподели впечатоците од своето незаборавно искуство во Шпанија.

Николов неодамна помина две недели на проба во редовите на Атлетико Мадрид, каде настапуваше за генерацијата 2010 на престижен меѓународен турнир. Македонскиот талент остави силен впечаток, а неговиот тим во финалето го декласира Леганес со убедливи 9:1. Во големата победа Николов учествуваше со три асистенции, потврдувајќи го својот квалитет и потенцијал.


„Тоа е огромно искуство што би му го препорачал на секое дете. Атлетико Мадрид е меѓу десетте најголеми клубови во светот и нивната организација е на највисоко ниво. Тренинг-комплексот е фантастичен, а секоја генерација има по осум тренери. Таму буквално се живее за фудбалот. Одлично ме прифатија и многу брзо се вклопив во тимот“, изјави Николов.

Освен настапите на теренот, младиот фудбалер имал можност да биде дел и од вистински фудбалски спектакл. Од ВИП-ложата на стадионот „Метрополитано“ го следел натпреварот меѓу Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао, каде се сретнал со претседателот на Шпанската фудбалска федерација, како и со легендарниот напаѓач Давид Виља.

Иако неговата понатамошна кариера е во рацете на менаџерскиот тим, Николов не крие дека има голем сон – еден ден да го облече дресот на Манчестер Јунајтед.

„Од најмала возраст навивам за Манчестер Јунајтед. Таа љубов ја наследив од татко ми и се надевам дека еден ден ќе добијам можност да заиграм за тој клуб“, вели младиот фудбалер.

Николов испрати и охрабрувачка порака за иднината на македонскиот фудбал. Според него, доколку продолжи правилната работа со младите категории и се вложува во развојот на талентите, Македонија во наредните пет до десет години има реална можност да обезбеди историски пласман на едно Светско првенство.

Можете да прочитате

Почнува Светското фудбалско првенство 2026

Босна и Турција се селекциите што можат да направат сензација, смета Александар Таневски

Босна има се што е потребно за да ја мине групната фаза на Светското првенство