
Соопштение за јавност на Партија за движење на Турците (ТХП)
Фактот што ниту една турска граѓанска организација оваа година не доби поддршка од буџетот во износ од 17 милиони денари, наменет за здруженија и фондации од страна на Министерството за односи меѓу заедниците, предизвика големо разочарување и оправдана загриженост кај турската заедница.
Меѓу 36-те проекти кои добија финансиска поддршка нема ниту еден проект насочен кон турската заедница. Ова отвора сериозни прашања во однос на принципите на еднаква застапеност и рамноправен пристап до јавните средства. Имајќи го предвид мултиетничкиот и мултикултурниот карактер на државата, целосното изоставување на турската заедница е неприфатливо.
Основната мисија на Министерството за односи меѓу заедниците е да ги унапредува дијалогот, соработката и меѓусебната доверба меѓу сите етнички заедници во државата. Сепак, практиките во последните години оставаат впечаток дека потребите и барањата на турската заедница не се третираат со потребното внимание. Ваквиот пристап го нарушува принципот на еднаквост и ја поткопува довербата во институциите.
Очекуваме Министерството транспарентно да ја информира јавноста за критериумите и постапката според кои се извршени изборот и распределбата на средствата. Рамноправниот пристап до јавните ресурси за сите заедници претставува основен принцип на демократското владеење.
Истовремено, сметаме дека сите поединци и институции кои имаат одговорност да ги застапуваат интересите на турската заедница не смеат да останат неми пред ваквите случувања. Потребно е заедничко и одговорно дејствување во заштита на легитимните права и интереси на заедницата.
Секоја практика што може да доведе до занемарување на правата и очекувањата на турската заедница треба внимателно да биде разгледана од сите релевантни чинители.
Турската заедница, како рамноправен дел од општеството, бара правда, еднаков третман и почитување. Исполнувањето на овие принципи е од суштинско значење за зајакнување на општествената кохезија и довербата во институциите.
Ги повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител и сите релевантни инситуции итно да ги преиспитаат одлуките и постапките на Министерството за односи меѓу заедниците и да утврдат дали при распределбата на средствата биле почитувани принципите на законитост, еднаквост и недискриминација.
Ќе продолжиме внимателно да го следиме овој процес, да ги користиме сите демократски и институционални механизми за заштита на правата на турската заедница и навремено да ја информираме јавноста за сите понатамошни случувања.



