Утрински Весник
Македонија

МНТ со „Страв и надеж“ на јубилејниот 60-ти фестивал „Војдан Чернодрински“

Image 2026 06 10 100020294.png

Македонскиот народен театар утре ќе настапи на јубилејното 60-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп со претставата „Страв и надеж“, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат.

Претставата е дел од официјалната селекција на фестивалот, кој важи за еден од најзначајните театарски настани во земјава и регионот, а годинава одбележува шест децении постоење.


„Страв и надеж“ е современа сценска приказна која ги обработува стравовите, осаменоста и неизвесноста на современиот човек, поставувајќи го дејството во денешен контекст обележан со војни, економска несигурност и криза на хуманистичките вредности. Инспирирана од драмскиот свет на Франц Ксавер Крец, претставата тематски кореспондира со Орвеловата „1984“, отворајќи прашања за опстанокот и човековата ранливост.

Претставата се состои од петнаесет сцени во кои ликовите се соочуваат со клучни животни моменти, преку кои се испреплетуваат хумористични и трагични ситуации.

Во актерската екипа настапуваат Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Лола Кукла, Дамјан Цветановски и Нела Павловска, со музичка поддршка од Зоран Станишиќ, Стефан Котевски, Никола Соколовски и Милена Наумовска.

По фестивалската изведба, „Страв и надеж“ повторно ќе биде поставена на сцената на Македонскиот народен театар на 17 јуни со почеток во 20 часот.

Можете да прочитате

Активен пожарот во с. Иванковци, Велешко, под контрола во Дабова Дупка кај Јасен и во Белица

Тешко повреден полицаец од Фронтекс, го удрило товарно возило со крадени дрва

Манасиевски: Правосудството треба да биде бастион на правдата, а не бастион на СДС и ДУИ