Утрински Весник
Македонија

Екс директорот на МРТВ, Цветковски стана директор на Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“

Marjan cvetkovski max 1003 643.jpg

Поранешниот директор на Македонската радио-телевизија, Марјан Цветковски, е избран за директор на Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, пренесува сакамдакажам.мк.

Фондацијата беше формирана на 28 јануари годинава и ќе биде задолжена за координација на сите активности поврзани со подготовката и реализацијата на програмата „Скопје 2028“, како и за управување со финансиските средства наменети за проектот.


Цветковски со МРТ раководеше 15 години, од 2012 година до април годинава. По завршувањето на неговиот мандат во јавниот сервис, тој веднаш добива нова јавна функција, преземајќи го раководењето со фондацијата што ќе го организира најголемиот културен проект во главниот град во наредните години.

Неговото раководење со МРТ беше предмет на јавни и политички дебати, особено поради одлуката јавниот сервис во 2015 година да не ги емитува прислушуваните разговори, познати како „бомби“, објавени од тогашната опозиција. Во 2018 година, по неговиот трет избор за директор, реагираше и Здружението на новинари на Македонија, оценувајќи дека реизборот не придонесува за реформирање и деполитизација на јавниот сервис.

Во меѓувреме, Град Скопје веќе го распиша првиот конкурс за финансирање културно-уметнички проекти во рамки на „Скопје 2028“, со вкупен буџет од 300.000 евра. Досега не се објавени информации за избраните проекти и распределбата на средствата.

Скопје во септември 2023 година ја доби титулата Европска престолнина на културата за 2028 година. Македонската метропола ќе ја дели титулата со чешкиот град Ческе Будјејовице и францускиот Бурж.

Официјалната програма ќе се реализира на територијата на целиот град и во сите скопски општини, преку институционални и јавни културни простори.

Можете да прочитате

Учество на Муцунски на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ)

Левица: Куклица е тест за капацитетот на државата

Тешко повреден градежен работник кој работел на аеродромот во Охрид