
Премиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање за причините за блокадата на акцискиот план за малцинства од страна на Бугарија, денеска изјави дека претпоставува оти „тоа е политика што трае со децении“, а претходните политички елити тоа не го препознале и направиле големи проблеми, кои Владата сега ги решава еден по еден.
– Не знам. Тоа прашање ќе треба ним да им го поставите затоа што, претпоставувам, таа политика трае со децении. Не е тоа политика што е од денес почната, за жал, некои претходни политички елити кај нас тоа не успеаја да го препознаат и беа кратковиди и, претпоставувам, лекомислени или се водеа од личните интереси мислејќи дека ако потпишат бел лист хартија, сите проблеми ќе бидат решени. Тоа така не оди во реалниот свет и во реалната политика. За жал, направија големи проблеми и ќе треба овие проблеми да ги решаваме и ги решаваме еден по еден. Но, ќе се бориме, впрочем тоа е нашата задача, да се бориме. Ништо во животот не доаѓа бргу и лесно, за сè треба да се изборите и да победите. Сме покажале дека знаеме да победуваме, ќе победиме и овој пат, само замолувам за трпение – изјави Мицкоски, кој присуствуваше на отворање нова фабрика на „Макпрогрес“ во Виница.
Премиерот Мицкоски завчера изјави дека акцискиот план за малцинства е готов, усогласен со експерт од Европската комисија и неофицијално е усогласен со дваесет и шест земји членки, освен со една, која е против да бидеме и дел од иницијативата „Трите мориња“.



