Утрински Весник
Македонија

Законот за правична застапеност ќе се носи со мал Бадентер

20260604125328 big 730x400 52.webp.webp

Комитетот за односи меѓу заедниците, денеска, со 11 гласа „за“ и двајца „против“, изгласа предлог-законот за соодветна и правична застапеност да се носи со мал Бадентер, односно со мнозинство гласови од присутните пратеници и мнозинство гласови од припадниците што припаѓаат на немнозинските заедници. Пратениците од Европскиот фронт и Албанската лига сметаа дека законот треба да се носи со т.н. голем Бадентер (потребно мнозинство од вкупниот број пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници), но нивниот предлог не беше поддржан од мнозинството.

Пратениците од опозициските партии на Албанците го критикуваа законското решение посочувајќи дека со него не се предвидени квоти ниту, пак, како ќе се контролира дали правичната застапеност се почитува, а тоа, велат, ќе има долгорочни последници. Укажаа дека правичната и соодветената застапеност се столбот на Охридскиот рамковен договор и на Уставот. Сличен став имаше и пратеникот Сали Мурати, припадник на турската заедница, кој смета дека законското решение не е добро ниту за припадниците на другите етнички заедници.


За пратениците на Албанската лига (Илире Даути и Зијадин Села), треба да се гласа нивниот предлог-закон за правична застапеност.

Координаторот на пратеничката група на „Вреди“, Беким Ќоку, ги потсети пратениците на ДУИ дека и Законот за употреба на јазиците бил донесен со мал Бадентер и дека никому тоа не му пречело. Ќоку кажа и дека на листата на закони што се носат со Бадентер се речиси 115, од кои повеќето со голем Бадентер.

Објасни дека пред да се гласа за законот донесена е одлука тој да го мине филтерот на Комитетот за односи меѓу заедниците и да се слушне гласот на пратениците.

Мал Бадентер е собраниски механизам според кој за одредени закони е потребно мнозинство гласови од присутните пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници

Основната цел на предлог-законот за соодветна и правична застапеност е да обезбеди јасна, прецизна и применлива правна рамка за остварување на едно од темелните начела на уставниот поредок на земјата – соодветната и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции. Интенцијата е да се обезбеди доследна примена на овој принцип преку воспоставување јасни правила и механизми, кои ќе овозможат еднаков пристап до вработување и унапредување, како и фер и транспарентни постапки во јавниот сектор.

Воедно, се настојува да се постигне соодветен баланс помеѓу потребата од застапеност на припадниците на сите заедници во земјата, од една страна, и неопходноста од обезбедување на професионална, ефикасна и политички неутрална администрација, од друга. Законот е во прво читање и се носи во редовна постапка, а според најавите, пред да биде донесен за него треба да има јавна расправа.

Можете да прочитате

Информација, интерпретација и право на сопствен став

МВР уапси седум возачи за 24 часа

Жерновски: Три силни потврди од ЕУ, Кошта и Вајц, разобличена е секоја лага на Мицкоски-реформи нема