
Во првите четири месеци од годинава во Грција биле поднесени 6.500 пријави за семејно насилство и се извршени 3.850 апсења, според министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис, кој додаде дека стотици од уапсените веќе се во притвор, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервју за грчката телевизија „Скај“, Хрисохоидис посочи дека оваа година имало намалување за 12 отсто на пријавите на случаи на семејно насилство, што според него, „значи дека нешто се случува“, односно некои насилници „очигледно се исплашија“.
– Да се погледнеме во огледало како општество и да видиме како ќе се справиме со ова прашање. Справувањето со семејното насилство од државата, полицијата, донесе резултати, нагласи министерот надлежен за полицијата.
Тој потсети на владините мерки преземени во последните две години, при што се формирани 63 канцеларии против семејно насилство и проширување низ целата земја на специјалната тајна апликација на грчката полиција „панично копче“, за помош на жени жртви на семејно насилство
– Самата бројка, 3.850 апсења, ни покажува што точно се случува и што навистина може да направи една држава, држава во кое владее правото, кога се организира и се справува со овие прашања, додаде министерот.
Хрисохоидис во интервјуто се осврна на податоците поврзани со семејно насилство во Грција, откако вчера во грчкиот град Каламата 39-годишна жена со десетици убоди со нож беше убиена од нејзиниот сопруг, што е петти случај на фемицид во земјата од почетокот на годинава.

