Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова – Пелегрини: Сите земји кандидатки треба да имаат еднаков третман на патот кон ЕУ

Foto 1 3.jpeg

Во рамки на официјалната посета на Република Словачка, денеска во Братислава беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и словачкиот претседател, Петер Пелегрини.

Видео материјал: https://we.tl/t-irrnhuYWVxEPazzn


Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитуван претседател Пелегрини,

Почитувани претставници на медиумите,

Најпрво би сакала од срце да се заблагодарам за поканата, за топлото добредојде, за пријателската атмосфера и за искреното словачко гостопримство.

Тукушто кажаните зборови на претседателот Пелегрини го разбудија девојчето во мене, кое на 15-годишна возраст како ученичка во Јан Амос Коменски, се восхитуваше на убавините на Братислава.

Вашата минатогодишна посета остави силен впечаток, не само кај мене, туку и кај македонските граѓани.

Затоа чест ми е што сум во возвратна посета, ова е моја прва официјална посета на Словачка. Истата, не само што овозможува продолжување на политичкиот дијалог на словачка почва, туку и сигурна сум ќе придонесе да ги зацврстиме веќе стабилните билатерални односи, преку разбирање и поддршка.

Две мали земји во срцето на Европа, поврзани со силни историски, културни и духовни врски, обединети преку наследството на светите браќа Кирил и Методиј. Македонската заедница, којашто со децении е присутна во Словачка, чинам дека е успешно интегрирана во словачкото општество и дека гради еден недовршен цврст словачко-македонски мост.

Денеска, со претседателот Пелегрини разговаравме на повеќе теми, и изразивме обострана подготвеност за унапредување на соработката во духот на заедничките односи, но и взаемната почит и разбирање.

Во поглед на економијата, која не е моја силна страна, сведоци сме на низа конкретни чекори, сигурна сум дека тие ќе донесат повеќе инвестиции, поголема трговска размена, како и развој на туризмот. Словачка е меѓу првите 20 земји со коишто имаме најголем обем на трговија. Веќе констатиравме дека зачестија средбите меѓу македонските и словачките стопанственици, во Скопје се одржа Бизнис-форум, а во Братислава, првата седница на Заедничката комисија за економска соработка, се отвори и авиолинијата Охрид-Братислава. Знам дека постојат уште многу други потенцијали, сигурна сум дека ќе ги искористиме и тие се однесуваат особено на енергетиката, на иновациите, на зелената транзиција, на инфраструктурата и на туризмот.

Денеска, во прекрасната градина, уште еднаш изразивме решеност за продлабочување на образовната соработка, на културната соработка, на академската соработка. Знам дека има програми за стипендирање, преку поттикнување на размена на студенти, и се разбира она што е императив за еден професор којшто е на привремена работа во политика, во заеднички истражувачки проекти.

Јас цврсто верувам во моќта на културната дипломатија. Сметам дека не е случајно што токму во Словачка денеска постои голем интерес за македонскиот јазик и култура. Импресионирана сум од чинот на отворање на Лекторатот за македонски јазик на Универзитетот „Константин Филозоф” во Нитра и повторното воведување настава по македонски јазик, како и објавување на првиот учебник по македонски јазик за Словаци. Исто така, импресионирана сум од изучувањето на предметите „Македонски филм” и „Факти за Македонија” на Филолошкиот факултет во Братислава.

Сите овие податоци сведочат за блискост што ги надминува политичките рамки.

Да потсетам, Европа, како „единство на различности”, се темели на богатството на различните народи, јазици, традиции и култури. Токму затоа, наследството на светите браќа Кирил и Методиј има природно место и во македонската и во словачката духовна традиција.

Би сакала денеска исто така уште еднаш, како и минатиот пат, ама сега и пред вашата јавност да кажам дека на минатогодишните Струшки вечери на поезијата, лауреатот беше словачкиот поет Иван Штрпка. Тој стана добитник на „Златниот венец”, што не е само признание на високи поетски дострели, туку поттик на културната дипломатија меѓу словачкиот и македонскиот народ, за што е доволен еден поглед на тријазичната корица на книгата и поезијата во неа (на словачки, на македонски и на англиски).

Исто така сакам да се заблагодарам за словачката поддршка и помош преку SlovakAid, понатаму, партнерството во Словачката асоцијација за надворешна политика во Европското движење, исто така, и на Националната конвенција за ЕУ, соработката меѓу парламентите, меѓу универзитетите, и многу активната словачка улога во групата „Пријатели на Западниот Балкан”, Вишеградската група и форматот „Славков”. Тоа е она што ни дава надеж за разбирање.

Со претседателот Пелегрини споделивме мислења и за нашиот предолг пат кон Брисел, кој јас понекогаш го нарекувам маратон или дури велам дали го чекаме господинот Годо. Зошто го велам ова? Се работи за долг пат со бројни ирационални пречки од идентитетски карактер што е спротивно на суштината на природата на ЕУ.

Го поздравувам словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори. Мислам дека токму почитувањето на културниот интегритет на секој народ е суштината на европската идеја.

Особено го цениме ангажираниот став на Словачка, но и на неколку други земји кои трагаат по можно рационално решение за интегрирање на Западниот Балкан во европските структури, за да може земјите коишто долги години се во кандидатски статус, да не бидат оставени настрана, да не бидат на периферијата на периферијата, односно да може да бидат чуени. Тоа е нешто што е кредибилно и тоа е нешто што не обврзува.

Јас многу пати сум кажала и ќе повторам, Европа е наш природен дом – географски, историски и културно. Она што ние го бараме е да бидеме третирани како сите останати, да бидеме вреднувани според Копенхашките критериуми, да добиеме можност да се фокусираме на реформите и на владеењето на правото, наместо да ја губиме енергијата на билатерални прашања, што немаат врска со духот и словото на Копенхашките критериуми.

За мене, интеграцијата на Западниот Балкан не е само политичко, тоа е безбедносно и стратешко прашање во време на геополитички превирања и тектонски промени на меѓународниот поредок.

Можете да прочитате

Недостигот на емпатија клучен фактор за меѓуврсничкото насилство

Стефан Богоев меѓу приведените во денешната акција?

Акција на финансиската полиција: Претреси на повеќе локации, приведени повеќе лица