Утрински Весник
Македонија

НСДП продолжува да се бори за достоинствено вреднување на трудот и заштита на правата на работниците

2026 06 01 11 37 07 588.jpg

Вчера во Скопје се одржа Седмиот конгрес на НСДП на кој за претседател беше избран Горан Мисовски, досегашниот претседател на партијата. На Конгресот беа избрани Централен одбор со 70 члена и Надзорен одбор со 9 члена.

Покрај изборот на претседател на партијата и партиски органи за мандатниот период 2026-2030 година, делегатите на Конгресот го разгледаа и усвоија Извештајот за работата на НСДП за периодот 2022-2026 година.


Седмиот конгрес на НСДП усвои и неколку програмски документи: Декларација за заштита на трудот, Декларација за намалување на прекарната работа и несигурниот работен однос, како и Етички кодекс на НСДП.

НСДП ја усвои Декларацијата за заштита на трудот имајќи ги предвид тешката општествена и економска положба на обичните работници, нефункционирањето на економско-социјалниот дијалог, понижувањето на синдикалната борба, како и отсуството на реални кризни мерки за поддршка на најранливите и најзагрозените граѓани. Затоа VII Конгрес на НСДП ја реафирмира заложбата за заштита на трудот и за негово вистинско вреднување во процесот на создавање и распределба на општественото богатство.

НСДП останува на уверувањето дека економскиот напредок има смисла само доколку се одразува врз животниот стандард и сигурноста на граѓаните. НСДП со оваа Декларација ја афирмира идејата дека трудот не е само фактор на производство – трудот е капитал, општествена вредност и темел на демократското општество.

Со Декларацијата за намалувањето на прекарната работа и несигурниот работен однос НСДП ја препознава прекарната работа како отстапување од стандардниот и достоинствен работен однос. Таа се манифестира преку несигурност на работното место, ниски и нестабилни приходи, ограничен пристап до пензиско и здравствено осигурување, слаба заштита на работничките права и постојан страв од губење на работата.

Во македонски услови, прекарноста не е само прашање на видот на договорот. Таа претставува поширок социјален и економски проблем што ја намалува вредноста на трудот, ја поткопува средната класа и го забрзува иселувањето на младите и квалификуваните работници. Особено погодени се младите, жените, сезонските работници, работниците во текстилната индустрија, трговијата, угостителството и новите дигитални платформи. Наместо сигурна иднина, тие се соочуваат со нестабилност, ограничени можности за напредок и зависност од краткорочни работни ангажмани.

НСДП смета дека оваа состојба не е неизбежна последица на модерната економија, туку резултат на политички и економски избори. Затоа, борбата против прекарната работа претставува борба за достоинствен труд, социјална правда и развој на општество во кое човекот е поважен од профитот.

Со донесувањето на Етичкиот кодекс на НСДП се воспоставуваат јасни, применливи и обврзувачки стандарди на етичко однесување, како и основи за нивно доследно спроведување, со цел заштита на угледот на партијата, зајакнување на довербата на граѓаните и унапредување на политичката култура.

НСДП е определена за доследна и принципиелна борба против корупцијата, злоупотребата на функцијата и судирот на интереси, како и за воспоставување и унапредување на систем на финансиска транспарентност, отчетност и одговорно управување со јавните ресурси, како предуслов за градење доверба на граѓаните во институциите и политичките субјекти.

Политичкото делување на членовите и функционерите на НСДП се темели на принципите на законитост, чесност, интегритет, одговорност, транспарентност и доследно почитување на јавниот интерес, како и на унапредување на демократијата, владеењето на правото и човековите права.

Можете да прочитате

Филипче: Реформската агенда не е исполнета, се потврди уште една голема лага на Мицкоски

Судење за „Онкологија“: Препишувањето неделотворни лекарства довело до штета на буџетот

Левица: Јаневска да каже што направила, а не кој министер бил пред неа