Утрински Весник
Македонија

Заканувал со остар предмет на сопругата и малолетната ќерка, заврши во притвор

710799705 1291904343120090 8656923732167514108 n.jpg

Благодарение на брзата и координирана реакција на полицијата, приведен е 48-годишен жител на Велес осомничен за семејно насилство врз сопругата и малолетната ќерка.

Случајот започнал на 29 мај околу 11:40 часот, кога очевидец пријавил во СВР Скопје дека на подрачјето на Центар маж физички ја нападнал својата сопруга. Веднаш по пријавата, полициските службеници презеле активности за пронаоѓање на сторителот и заштита на жртвата.


Во текот на истрагата било утврдено дека лицата се од Велес, по што во акцијата се вклучиле и полициски службеници од СВР Велес. По враќањето во семејниот дом, осомничениот Џ.Б. (48) повторно извршил физички напад врз својата 43-годишна сопруга и нивната малолетна ќерка. Според информациите, тој им упатувал и закани со остар предмет.

Полицијата веднаш интервенирала и околу 21:00 часот го лишила од слобода осомничениот. Остриот предмет бил пронајден и одземен, а лицето било задржано во полициска станица.

За случајот се известени надлежен јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Велес. По целосното документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Од полицијата апелираат до граѓаните навремено да пријавуваат случаи на семејно насилство, нагласувајќи дека брзото пријавување овозможува ефикасна реакција и поголема заштита на жртвите.

Можете да прочитате

Кога транзицијата станува систем – 24info.mk

Малолетник од кичевско се самоповредил со воздушна пушка

Новиот закон за пушење во вторник на владина седница