
Матичните лекари во Македонија наскоро ќе можат да препишуваат никотински фластери и мастики како помош за граѓаните кои сакаат да се откажат од пушењето. Ова беше најавено на одбележувањето на Светскиот ден без тутун, каде институциите најавија координирани активности за намалување на зависноста од никотин.
Министерот Азир Алиу истакна дека станува збор за трансдермални фластери и мастики со никотин, кои ќе бидат достапни на пазарот и ќе можат да се препишуваат од матичните лекари.
„Конкретно, се работи за трансдермални фластери и мастики со никотин што може да ги користат граѓаните за да се откажат од тутунот. Целта е да се обезбеди нивно присуство на пазарот, а истите да можат да се употребуваат од граѓаните и да бидат достапни преку фармацевтските компании, како и матичните лекари да можат да ги препишуваат за употреба“, изјави Алиу.
Претставникот на СЗО, Аким Али, предупреди дека пушењето и никотинската зависност остануваат сериозен здравствен проблем, особено кај младите.
Според него, 14 проценти од младите користат тутунски производи, додека 9 проценти користат електронски цигари. Тој нагласи дека зависноста од никотин повеќе не е поврзана само со традиционалните цигари, бидејќи индустријата создава нови и модерни производи со цел да привлече нови корисници.
„Предизвикот е што овие производи се особено привлечни за младите. Зад живописните бои, елегантните пакувања и слатките вкусови, се крие јасна намера – да се нормализира употребата на никотин и да се создаде долгорочна зависност кај младите“, изјави Аким Али.
Податоците од анкетата на Институтот за јавно здравје, спроведена во 2023 година во соработка со СЗО, покажуваат дека дури 45,4 проценти од возрасната популација во Македонија се активни пушачи, што ја прави состојбата алармантна.
Од СЗО предупредуваат дека употребата на тутун ја чини Македонија околу 38 милијарди денари годишно, преку здравствени трошоци и економски последици.


