Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: Културната дипломатија е незаменлив дијалог, и во мир, и во криза

Foto 1 1.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, вечерва ги прими и се обрати пред учесниците на 4. Форум за културна дипломатија Скопје 2026, којшто се одржува на тема „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог”.

Според неа, во свет на конфликти културната дипломатија успева да создаде многу потрајни и подлабоки мостови отколку конвенционалната, традиционална дипломатија.


Таа оцени дека културата е неуништлив пулс на човештвото и најсилна потврда дека креативноста ја надвладува деструктивноста.

За неа, Скопје е жив пример за солидарност, град што низ вековите успеал да ги преживее војните и катастрофите благодарение на духот на неговите жители и подадената рака од меѓународната заедница. Поради своето богато историско, културно и цивилизациско наследство, Скопје е природен избор за Европска престолнина на културата во 2028 година, смета Сиљановска-Давкова.

Претседателката укажа дека културната дипломатија е неопходност во време на кризи.

„Во времиња кога светот лесно посегнува по јазикот на поделбите, наша должност е да го засилиме гласот на културата. Да вложуваме во умовите во коишто се раѓа мирот, да ги почитуваме спецификите на секој народ и да изградиме иднина во којашто културните разлики нема да бидат причина за конфликт, туку мост кон трајно разбирање”, порача Сиљановска-Давкова.

На приемот, насловен „Лидерството и културата како мостови меѓу цивилизациите”, се обратија поранешниот претседател, д-р Ѓорге Иванов, директорот на Институтот за културна дипломатија од Берлин, Марк Донфрид и претседателката на Националната комисија за УНЕСКО на Унгарија и Асоцијацијата на ОН на Унгарија, Каталин Анамарија Боѓај.

Форумот е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Можете да прочитате

Камион пропадна на улицата „Аџи Мустафа“ во Охрид

Автомобил се преврте на автопатот Скопје–Велес, повредени три девојки

Имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови права во фокусот на дебатата во Талин