
Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, упати сериозни обвинувања кон актуелниот градоначалник Сотир Лукровски, тврдејќи дека тој веќе три недели е на боледување, но наместо да се лекува, бил забележан како пазари во трговскиот центар City Mall Skopje.
На денешната прес-конференција, Јакимовски саркастично изјави дека во Македонија се појавила нова медицинска гранка наречена „шопинг-медицина“.
„Оваа терапија се спроведува низ бутиците во ‘Сити мол’, на товар на граѓаните, додека градоначалникот не се појавува на своето работно место кое е оддалечено само 300 метри“, изјави Јакимовски.
Тој јавно го повика директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, да изврши проверка на случајот. Според Јакимовски, потребно е да се испита врз основа на која дијагноза е продолжено боледувањето на Лукровски, како и дали медицинските протоколи дозволуваат движење низ трговски центри.
Дополнително, тој побара увид во безбедносните камери на City Mall Skopje за да се утврди дали градоначалникот навистина бил присутен таму, како и проверка на одлуката овластувањата да бидат пренесени на советникот Неделчо Крстевски на подолг временски период.
Од Фондот за здравствено осигурување претходно посочија дека не смеат да објавуваат информации за медицински дијагнози и дека контрола на боледувањето може да побара единствено работодавачот. Во случајот со градоначалникот, законски работодавач е самата Општина.
Во меѓувреме, од Општина Карпош ги демантираа шпекулациите за оставка на Лукровски и соопштија дека неговото отсуство е исклучиво поради здравствени причини. Поддршка му даде и премиерот Христијан Мицкоски, кој критичарите ги нарече „политички глодари“ кои се ситат на туѓата здравствена состојба.
Јакимовски порача дека граѓаните на Карпош плаќаат бруто плата од околу 3.000 евра за функционер кој, според него, „пазари наместо да работи“, додавајќи дека ако некој е способен за шопинг, тогаш треба да биде способен и за извршување на работните обврски.



