
Прес конференција на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче
Граѓаните добија уште едно јавно и многу јасно признание од организираната криминална група на Христијан и ВМРО, а тоа е дека во владата врие од луѓе со бугарски пасоши. Одбија да го прифатат предлог-законот наш на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, со кој премиерот, вицепремиерите, министрите и членовите на Владата не би можеле да имаат двојни државјанства.
Се поставува прашањето зошто тоа го направија? Затоа што пола влада требаше веднаш да си замине. Може целата влада да биде составена од луѓе кои во џебот имаат бугарски пасоши, ама Бугари во Уставот, тоа не може.
Какво лицемерие и какво лажење на сопствените граѓани. Прво го признаа Преспанскиот договор како ремек-дело на дипломатијата.
Потоа признаа дека со Преспанскиот договор се заштитени националниот идентитет, јазикот и културата.
Понатаму признаа дека благодарение на НАТО нашата безбедност е гарантирана и тоа придонесува за подобра бизнис-клима.
И сега дојде време за уште едно признание, дека Мицкоски има влада полна со луѓе со бугарски пасоши и бугарски државјанства.
Со години ширеа хистерија, ширеа страв и ги лажеа граѓаните дека е загрозен нашиот национален идентитет. Токму од овие луѓе кои, замислете, во џебовите имаат бугарски пасоши.
Вицепремиери, министри, пратеници, градоначалници, директори, цела мрежа на функционери на ВМРО-организираната криминална група со бугарски пасоши со години продава лажен патриотизам, додека тивко си обезбедувале европски документи за себе и за своите семејства. И додека ја држат Македонија во изолација и намерно создаваат конфликти со соседите, си ја обезбедиле само за себе својата европска иднина.
Одбивањето да се прифати овој предлог-закон на СДСМ целосно ја разобличува нивната лицемерна политика. Овие луѓе на власт повеќе никој не може да ги излаже.
Со внесувањето на Бугарите и другите малцинства во Уставот се зајакнува нашиот национален идентитет, сите идентитетски одредници, бидејќи тогаш е јасна дистинкцијата помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство кое живее тука.
Ова е последната работа што Мицкоски треба да ја признае.
Да повторам: организираната криминална група на ВМРО на чело со Христијан Мицкоски го призна Преспанскиот договор како ремек-дело, Тимчо Муцунски признал дека НАТО е феноменална работа и за безбедноста на земјата и за бизнис-климата, а Гордана Сиљановска дека јазикот, културата и македонскиот национален идентитет се заштитени и тоа е веќе апсолвирана работа.
Ајде сега сите, јасно и гласно, нека признаат дека сето тоа што со години на наназад ни го говореа беше една лажна пропаганда, само за да дојдат на власт, а Македонија да не може да го продолжи европскиот пат.
Замислете, не даваат малцинства да влезат во Уставот. ВМРО е една единица мерка за лага и за лицемерие, но граѓаните веќе ја знаат вистината.
Замислете го лицемерието – најгласни против Европа се оние кои ја обезбедиле Европа за себе и за своите семејства.
Затоа, како што вели Мицкоски, оваа промакедонска партија не може да биде македонска со бугарски пасоши. Затоа што ова не се политичари кои се грижат за доброто на државата и граѓаните, туку политички туристи со европски пасоши кои функциите ги држат за лично богатење.
Доста е со лагите и доста е со лицемерието.
Малцинства во Уставот треба да се случат час поскоро. Реформи сега и Европа сега.



