Утрински Весник
Свет

Мелони бара од Брисел да ја изземе енергетиката од правилата на ЕУ за потрошувачка

Meloni.webp.webp

Италијанската премиерка Џорџа Мелони упати писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во кое побара Брисел да ги ублажи фискалните правила на Европската Унија, со цел да им помогне на владите на земјите членки да го амортизираат економскиот шок предизвикан од војната во Иран и вртоглавиот раст на цените на енергијата.

Мелони во писмото побара „инвестициите и вонредните мерки потребни за решавање на енергетската криза“ да бидат изземени од Пактот за стабилност и раст на блокот, кој бара од членките на ЕУ да ги држат дефицитите на државните буџети под три проценти од бруто домашниот производ (БДП), пренесува „Кориере дела Сера“.


„Кризата на Блискиот Исток и тензиите во Ормуската Теснина, кои ги засилуваат ефектите од руската агресија во Украина, веќе имаат многу тешки и често асиметрични ефекти врз цените на енергијата, врз трошоците за семејствата и претпријатијата“, напиша Мелони во писмото.

Италијанската премиерка наведе дека, на ист начин на кој од договорот за стабилност беа изземени издатоците за одбрана, би требало да бидат изземени и трошоците за енергија.

„Мораме да имаме политичка храброст да признаеме дека денес енергетската безбедност е исто така европски стратешки приоритет“, истакна Мелони.

Таа додаде дека Рим ќе има тешкотии да го оправда учеството во програмата на ЕУ за финансирање на одбраната SAFE, доколку Брисел одбие слична флексибилност за потрошувачката на енергија.

Портпаролката на Европската комисија Паула Пињо одби да ги коментира деталите од писмото на Мелони, но рече дека ЕУ „внимателно ја следи ситуацијата“ и дека ќе „биде подготвена да ја разгледа рамката на постојните флексибилности“ во согласност со фискалните правила на ЕУ.

Можете да прочитате

Германија ќе инвестира милијарди евра во зајакнување на цивилната заштита

САД издаваат нова 30-дневна лиценца за привремен пристап до блокираната руска нафта

Папата Лав XIV на 25 мај ќе ја објави својата прва енциклика