
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изрази сериозно разочарување од одлуката на Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да ја запре постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, оценувајќи дека не смее ваков потенцијален криминал да биде затворен со, како што рече, „плитко спроведена постапка“.
Во интервју за Канал 5, Тошковски посочи дека не верува оти фактичката состојба е целосно и професионално утврдена.
„Јас сум шокиран и разочаран од одлуката на ОЈО ГОКК, исто како што е шокирана целата македонска јавност. Овој предмет беше работен заедно со Јавното обвинителство, по насока на јавните обвинители е постапувано и во рамките на предистражната постапка“, изјави Тошковски.
Министерот нагласи дека кривичната пријава била изготвувана по насоки на истиот јавен обвинител, а при поднесувањето биле ценети околности за определување мерки за обезбедување присуство, при што за дел од осомничените била побарана и најтешката мерка – притвор.
„Како наеднаш се смени фактичката состојба треба друг да даде одговор, а не јас. Во никој случај не смее да има тивок обид на затворање на една ваква постапка од страна на Обвинителството“, рече министерот.
Тој потенцираше дека случајот сè уште не е затворен и најави дека јавноста ќе биде информирана за нови сознанија и факти со кои располага МВР.
„Јавноста ќе види во следниот период со што точно сум сакал да поентирам од аспект на фактична состојба што МВР неспорно ја има утврдено изминатиот период во насока на остварување на правото и правдата“, изјави Тошковски.
Во однос на телефонскиот разговор меѓу премиерот Христијан Мицкоски и државниот јавен обвинител Ненад Савески, а поврзан со случајот „Мазут“, Тошковски рече дека лично верува оти премиерот никогаш не би влегол во незаконски комуникации или влијанија врз обвинителството.
Инаку, Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција завчера соопшти дека ја запрело истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, бидејќи по едногодишна истрага не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.
Истрагата се водеше против 13 лица, меѓу кои сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, сопствениците на РКМ Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.



