Утрински Весник
Македонија

Предлог законот за парнична постапка е прифатлив, ќе се организира јавна расправа 

1000045285.jpg

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница донесе одлука дека Предлог законот за парнична постапка е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање и за организирање јавна расправа. 

Заменик министерот за правда, Ален Деребан образложувајќи го законското решение пред пратениците  рече станува збор за еден од клучните реформски закони во областа на правосудството, кој има за цел унапредување на ефикасноста на судските постапки, зајакнување на правната сигурност и зголемување на довербата на граѓаните во судството.

Донесувањето на овој претставува исполнување на важна обврска од Развојната стратегија за правосудството 2024–2028 и од Програмата за работа на Владата за 2025 година.

Новото законско решение предвидува:

Oбезбедување поквалитетна правна заштита и поефикасно водење на постапките.

Унапредување на постапката за вештачење, при што се овозможува судот и по службена должност да изведува вештачење и увид на самото место како доказ.  Со ова се зајакнува улогата на судот во утврдување на фактичката состојба.

Воведување електронска достава од двете страни, како значаен чекор кон целосна дигитализација на судските предмети.  Дополнително, се воведува можност јавните расправи да се одржуваат по електронски пат, со аудио-визуелна комуникација во реално време. Ова ќе значи помалку одлагања, помали трошоци за странките и поефикасна работа на судовите.

Зголемување на  опфатот и забрзувањето на постапките во споровите од мала вредност.  Намалување на  висината на глобите за учесниците во постапките, со цел поголема правичност и пропорционалност.

За првпат се воведуваат претставнички тужби за заштита на колективни интереси и права. Се унапредува пристапот до правда за поголеми групи граѓани, а воедно се избегнува големото и нерационално трошење на ресурси.

Предлог-законот е резултат на повеќегодишна работа на широка експертска работна група составена од претставници на академската заедница, судството, адвокатурата, нотаријатот, извршителите, стопанството, невладиниот сектор и државните институции. Нацрт-текстот беше предмет на јавна расправа преку ЕНЕР и низ повеќе дебати во кои активно учествуваа сите засегнати страни.

Тој е усогласен и со повеќе системски закони, меѓу кои законите за вештачење, заштита на потрошувачите, бесплатна правна помош, електронски документи и меѓународно приватно право.

Станува збор за системски закон кој го применуваат илјадници субјекти и затоа кон неговата подготовка било пристапено внимателно, одговорно и професионално.

Министерството за правда останува посветено на реформите кои обезбедуваат владеење на правото, ефикасно судство и подобра заштита на правата на граѓаните.

Можете да прочитате

ВЛЕН: Реформите во високото образование даваат конкретни резултати

Едно мислат, друго зборуваат, трето прават

По пад од електричен тротинет тинејџери завршија во болница