Утрински Весник
Свет

Три британски министерки поднесоа оставки и го повикаа Стармер да се повлече

Starmer.webp.webp

Три британски министерки денеска поднесоа оставки, со што дополнително се засили притисокот врз британскиот премиер Кир Стармер да објави временска рамка за своето повлекување по лошите резултати на Лабуристичката партија на локалните избори.

Британската министерка за децентрализација, верски прашања и заедници Мијата Фанбуле денеска поднесе оставка, станувајќи првата министерка во владата на Стармер што се повлекла од функцијата, истовремено повикувајќи го и премиерот да го стори истото.

„Утрово му испратив писмо со оставка на премиерот. Го повикувам да ја направи вистинската работа за нашата земја и за партијата и да одреди временска рамка за транзицијата“, објави Фанбуле на социјалната мрежа „Икс“.

Оставка денеска поднесе и министерката за заштита од насилство врз жените, Џес Филипс, наведувајќи дека актуелното раководство на Лабуристичката партија не покажува доволна решителност за спроведување на промените што ги очекуваат граѓаните.

Во писмото упатено до Стармер, Филипс истакна дека премиерот го смета за „добар човек кој се грижи за вистинските работи“, но дека тоа, според неа, „не е доволно“, опишувајќи го како „несоодветен за лидерство“.

„Желбата да се избегнат конфликти значи дека ретко влегуваме во расправи, поради што можностите за напредок остануваат блокирани и одложени“, напиша Филипс, пренесе „Скај њуз“.

Таа оцени дека лабуристичките влади се ретки и драгоцени, потсетувајќи дека секоја лабуристичка администрација во текот на нејзиниот живот донела промени што ги унапредиле Велика Британија и светот.

„Знам дека ви е грижа, но делата, а не зборовите, се она што е важно“, порача Филипс во оставката.

Оставка поднесе и министерката за жртви и борба против насилство врз жени и девојчиња, Алекс Дејвис-Џонс, помлада министерка во британското Министерство за правда, наведувајќи ги како причина „катастрофалниот“ изборен резултат на Лабуристичката партија и потребата од „одлучни и радикални промени“.

„Ве повикувам да постапите во интерес на земјата и да објавите временска рамка за вашето заминување“, наведе таа во писмото до Стармер.

Во оставката, Дејвис-Џонс посочи дека ѝ претставувало чест да служи како министерка и дека е горда на промените што ги спровела во ресорот.

„Сепак, требаше да направиме повеќе и затоа, со тешко срце, немам друг избор освен да поднесам оставка“, наведе Дејвис-Џонс.

Таа оцени дека изборните порази во велшкиот парламент и низ Обединетото Кралство се „катастрофални“ и додаде дека „земјата го кажала своето“ и дека резултатите од изборите мора да се почитуваат. Дејвис-Џонс ја претставуваше изборната единица Понтиприд во Јужен Велс, каде што поразот на лабуристите беше особено изразен.

Повикувајќи се на неименувани извори во британската влада, „Телеграф“ објави дека уште шест министри планираат да поднесат оставки, меѓу кои министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд, министерот за одбрана Џон Хили, министерот за енергетика Ед Милибанд, министерката за култура Лиза Нанди, министерката за надворешни работи Ивет Купер и министерот за здравство Вес Стритинг.

Британскиот премиер Стармер се соочува со зголемен притисок во владата да размисли за временска рамка за своето повлекување, откако повеќе од 80 пратеници од Лабуристичката партија побарале негова оставка, објави „Тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори.

Стармер денеска претседава со состанокот на кабинетот, чии министри се поделени околу неговата иднина, пренесе Би-Би-Си, додавајќи дека шестмина помошници министри веќе биле заменети откако поднеле оставки или побарале премиерот да претстави план за сопствено повлекување.

Стармер вчера изјави дека тешко ги доживеал слабите резултати на лабуристите на локалните избори и дека ја презема одговорноста за тоа, но нагласи дека нема намера да поднесе оставка.

Притисокот врз него продолжува да расте по катастрофалните резултати на Лабуристичката партија на изборите низ Англија, Шкотска и Велс, одржани минатата недела.

Можете да прочитате

Путин најави распоредување на „најмоќната ракета во светот“ до крајот на годината

Војната во Иран досега ја чини Америка 29 милијарди долари

Си-ен-ен: Трамп губи трпение, враќањето на големи воени операции сѐ поверојатно