
Силно невреме со поројни дождови, олуен ветер и град го зафати регионот, предизвикувајќи сообраќаен колапс на дел од патиштата во Србија, сериозни материјални штети во Хрватска и прекин на патните правци во Босна и Херцеговина. Надлежните служби во трите држави издадоа итни предупредувања до граѓаните за заштита на имотот и висок степен на претпазливост.

Во Србија, Секторот за вонредни ситуации при МВР прогласи аларм за олујно невреме, апелирајќи до граѓаните да ги следат упатствата и да ги заштитат своите возила. Најкритично беше на автопатот Ниш-Алексинац, каде сообраќајот беше во целосен прекин поради силен град кој го побеле коловозот и околните тревници среде мај. Возачите беа принудени да застанат во сообраќајната лента за принудно запирање поради речиси никаква видливост.
Покрај околината на Ниш, невремето зафати и делови од Западна Србија, Шумадија, Поморавје и Источна Србија. Во Крагуевац и Крушевац беа регистрирани поројни дождови кои предизвикаа излевање на атмосферската канализација, а противградната заштита дејствуваше во Шумадискиот округ.
Хрватска се соочи со силен олуен ветер кој во Загреб и околните жупании корнеше дрвја и носеше покриви од куќи и деловни објекти. Директоратот за цивилна заштита во Загреб прими над 250 повици од граѓани, а едно лице е полесно повредено. Поради паднати дрвја на железничките пруги и оштетени електрични водови, јавниот превоз во главниот град на Хрватска беше во привремен прекин.
Невремето од Хрватска се прошири и во Босна и Херцеговина, каде метеоролозите издадоа портокалово предупредување. Најтешка е состојбата во Унско-санскиот кантон, каде поради одрони и паднати дрвја е затворен патниот правец Босанска Крупа – Бихаќ. Силниот ветер предизвика штети на јавни објекти во Приједор и Градишка, каде беше урната и заштитната конструкција на една оштетена зграда.
Метеоролозите најавуваат остар пад на температурите, а на повисоките планини во Босна попладнево се очекува и снег.
Смирување на времето во целиот регион се предвидува во текот на вечерните часови и во текот на утрешниот ден.


