
15-годишно момче од Скопје е лишено од слобода откако, според полицијата, со остар предмет нападнало свој врсник во основно училиште на подрачјето на општина Гази Баба. Инцидентот предизвикал сериозна вознемиреност меѓу учениците и вработените во училиштето.
Според Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен од ООУ „25 Мај“ во населбата Ченто, по што веднаш интервенирале полициски службеници од СВР Скопје, објави 4news.mk
„На 11.05.2026 во 14:50 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 15-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од општинско основно училиште на подрачјето на Гази Баба, дека пријавениот влегол во училиштето и со остар предмет му нанел тешки телесни повреди на 15-годишен ученик. Предметот е одземен и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава“, информираат од МВР.
Неофицијално, повредениот ученик е пренесен во болница, каде што бил итно опериран. Неговата здравствена состојба засега не е официјално соопштена.
Полицијата работи на целосно расчистување на случајот и утврдување на мотивите за нападот.


