Утрински Весник
Македонија

Врховен суд ќе одлучува дали Жаклина Доведен ќе биде изземена од случајот со петгодишното дете

Kahverengi krem siyah yesil dunya hukuk gunu facebook gonderi.jpg

Новиот развој во еден од најследените семејни судски случаи во јавноста повторно го насочи вниманието кон претседателката на Апелациониот суд во Битола, Жаклина Доведен. Таа не донела самостојна одлука да се изземе од предметот поврзан со петгодишното дете и мајката Невена Спасеска, туку барањето на правниот тим на мајката го препратила на одлучување до Врховниот суд. Информацијата за А1он ја потврдиле од Апелациониот суд во Битола.

Барањето за изземање следува откако таткото поднесе жалба на новата пресуда на Основниот суд во Охрид, со која во повторената постапка детето било доверено на мајката Невена Спасеска. Со тоа, предметот повторно се враќа пред Апелациониот суд во Битола, каде како претседател на судот постапува токму Жаклина Доведен, чија претходна одлука во истиот случај беше укината од Врховниот суд.


Адвокатите на мајката бараат Доведен да биде изземена поради сомнеж за нарушена објективност и можна пристрасност. Во барањето се повикуваат и на одлука на Судскиот совет, според која Доведен постапила незаконски кога непосредно пред носењето на претходната пресуда извршила промена на член во Судечкиот совет, вклучувајќи кривичен судија кој немал доволно време да се запознае со предметот.

Дополнително, правниот тим посочува дека на адвокатите на мајката не им бил дозволен увид во предметот, иако подоцна Судскиот совет оценил дека за тоа немало законска пречка и дека увидот бил нивно законско право.

Според одбраната на Невена Спасеска, сите овие околности создаваат сериозен сомнеж дека Жаклина Доведен не може повторно непристрасно и независно да одлучува во истиот предмет.

Врховниот суд сега ќе треба да одлучи дали овие аргументи се доволни за изземање на претседателката на Апелациониот суд во Битола од понатамошното постапување.

Претходната пресуда на Доведен, со која детето му беше доверено на таткото, Врховниот суд ја укина на 3 јули минатата година, оценувајќи дека пресудата е „нејасна и неразбирлива“ и дека не содржи доволно образложени причини за клучните факти врз кои се темели.

Во одлуката на Врховниот суд беше наведено дека дел од причините во пресудата не произлегуваат од доказите, а како спорни биле посочени и мислењата врз кои се темелела одлуката. Доведен се повикала на мислење од Центарот за социјална работа во Охрид, кој претходно бил прогласен за ненадлежен, како и на нелиценциран вештак-педагог и искази на роднини на таткото.

Во образложението на укинатата пресуда било наведено и дека детето треба да му биде доверено на таткото затоа што „се од ист пол“, бидејќи таткото бил „материјално обезбеден“ и дека било подобро детето да расте во помала средина.

Врховниот суд тогаш утврдил и дека не биле анализирани родителските капацитети на мајката, ниту биле изведени сите релевантни докази за да се утврди што е во најдобар интерес на детето.

Сега останува Врховниот суд да оцени дали сите овие околности и утврдените пропусти се доволна причина Жаклина Доведен да биде изземена од повтореното одлучување во случајот кој со месеци предизвикува силен интерес во јавноста.

Можете да прочитате

Бугарската министерка од Брисел: Без уставни измени нема напредок за Македонија

Камион усмрти пешак на регионалниот пат Градско – Велес

Ниеден од 13те полицајци обвинети за ,,Пулс” не призна вина