
Пратеникот во Собранието, Оливер Спасовски, преку објава на социјалните мрежи информираше дека и оваа година се приклучил на „Генералка викенд“ – најголемата национална волонтерска еколошка акција во државата.
Според Спасовски, иницијативата започнала во 2021 година како десетгодишна национална акција чија цел е подигнување на јавната свест за заштита на животната средина и одговорно управување со отпадот.
Тој посочи дека во изминатите години повеќе од 100.000 волонтери од сите 81 општина собрале над 1,5 милиони килограми отпад преку акции организирани на стотици локации низ Македонија.
„Ова е доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел, можеме да направиме вистинска промена“, напиша Спасовски.
Во својата порака тој нагласи дека грижата за животната средина не е обврска само на институциите, туку претставува одговорност на сите граѓани.
„Да ја чуваме Македонија чиста и зелена“, порача Спасовски.

