Утрински Весник
Македонија

Средба на министерот Муцунски со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе

2 1.jpeg

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин и оствари средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, кој престојува во својата прва официјална посета на Република Северна Македонија.

Во таа прилика, министерот Муцунски истакна: „Во текот на овие три децении, како полноправна членка на Организацијата, созревавме како демократско општество, но и активно придонесувавме кон мисијата на Советот на Европа – заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото.”


На средбата стана збор за повеќе теми од интерес за Северна Македонија, нејзиниот евроинтегративен пат и реформските процеси, како и за улогата и поддршката на Советот на Европа во тој контекст.

Министерот Муцунски ја истакна посветеноста на земјата кон принципите и преземените обврски, примарно изразени преку Европската конвенција за човекови права, но и преку мноштво други правни инструменти, почитувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права и соработката со мониторинг-механизмите, потенцирајќи ја важноста од нивно доследно почитување од страна на сите земји членки.

„Посебно задоволство изразив што напредокот на нашата држава, и покрај бројните предизвици, беше препознаен со затворањето на пост-мониторинг дијалогот од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа во јануари оваа година. Тоа за нас претставува признание, но и дополнителна обврска да продолжиме со уште посилна посветеност кон европските вредности – човековото достоинство, основните права и слободи и владеењето на правото”, додаде министерот Муцунски.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Берсе, во рамки на изјавата за медиумите изрази задоволство од посетата и од досегашната соработка, притоа нагласувајќи ја важната улога на Република Северна Македонија во градењето на стабилноста и демократските стандарди во регионот и Европа.

Соговорниците разменија мислења и за прашања поврзани со регионот и поширокиот европски контекст, во услови на актуелни геополитички предизвици и растечка несигурност, со акцент на војната во Украина, нашата поддршка и солидарност, како и важната улога на Советот на Европа во таа насока.

Воедно, беше изразено уверување дека конструктивната соработка ќе продолжи и за време на нашето шестмесечно претседавање со Комитетот на министри, кое започнува во ноември следната година.

Можете да прочитате

70годишен тетовец украл паричник па од туѓа картичка извадил 41.000 денари

При претсрес за дрога уапсени две лица од Гостивар

Мицкоски: Во месеците што следат ќе има ново проширување на лекови на позитивната листа