
Мохсен Резаи, поранешен командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда и сега член на Иранскиот совет за разумност, изјави дека Иран „нема да преговара со никого за нуклеарното прашање“ и дека контролата врз Ормутскиот теснец мора да остане во ирански раце. Неговите изјави беа објавени од иранската новинска агенција ИСНА, објави Ал Џезира.
Стратешката важност на теснецот
„Доколку контролата и управувањето со Хормуз излезат од рацете на Иран, непријателот повторно ќе го употреби како оружје против нашата земја и народ“, предупреди Резаи.
Повик за заминување на странските сили
Тој нагласи дека пристапот на Иран кон безбедноста се базира на регионална самодоволност. „Нашиот модел е јасен: регионот мора да ја обезбеди својата безбедност. Странските сили – без разлика дали се американски или европски – мора да си заминат“, заклучи Резаи.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, во разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, дополнително ја заостри својата реторика кон Вашингтон, обвинувајќи ги САД дека „ја заменуваат дипломатијата со закани, притисок и санкции“. Како што објави Ал Џезира, Пезешкијан рече дека поради таквото однесување, Техеран повеќе не може да им верува на САД.
„Во двата наврати кога влеговме во дијалог со САД, паралелно се одвиваше воена агресија против Иран. Таквото однесување е како да се забоде нож во грб“, рече иранскиот претседател.
Пезешкијан нагласи дека сериозни преговори се можни само со крај на војната и цврсти гаранции дека непријателските потези против Иран нема да се повторат. Тој, исто така, ги отфрли обвинувањата дека Иран презел воени дејствија против Обединетите Арапски Емирати.
Зборувајќи за Ормускиот теснец, тој рече дека Иран со децении е гарант за безбедноста на овој стратешки воден пат, но дека американските акции, вклучително и поморската блокада, го дестабилизираат регионот. „Секое преговарање за целосно отворање на Ормускиот теснец бара укинување на поморската блокада на САД“, рече тој.


