
Црноморскиот Басен може да се затопли за дури 4 степени Целзиусови до 2070 година, при што зголемените температури значително ќе ги засилат екстремните временски појави, предупредуваат турски експерти, пренесува Анадолија.
Според Бариш Јонол од Факултетот за аеронаутика при Техничкиот универзитет во Истанбул, повисоките температури веројатно ќе доведат до поинтензивни врнежи, бидејќи топлиот воздух задржува повеќе влага. Истражувањето, спроведено од Јонол заедно со докторандот Мехмет Бариш Келебек и Фулден Батибениз од Универзитетот во Берн, ги анализира климатските проекции во сценарио со високи емисии на јаглерод, споредувајќи ги периодите 2005–2014 и 2061–2070 година.
Двегодишната студија се фокусира на краткорочни прогнози за интензивни врнежи, топлотни бранови, намалување на снежната покривка и сезонски промени на врнежите во земјите од Црноморскиот Басен, регионот на Мраморното Море, делови од Егејското Море, како и во Централна и северниот дел на Источна Анадолија. Според наодите, температурите во басенот може да се зголемат за 2 до 4 степени во зима, околу 2,5 степени во пролет, 3 степени во лето и меѓу 1,5 и 2,5 степени во есен.
Најизразено затоплување се очекува во Источна Анадолија, каде во одредени подрачја максималните температури во март би можеле да се зголемат за до 7 степени. Еден од најзначајните ефекти од затоплувањето е очекуваното продолжување на топлотните бранови. Додека во моментов тие траат меѓу 5 и 10 дена годишно, во иднина нивното времетраење може да достигне 50–55 дена. Снежната покривка, пак, се очекува да се намали за околу 20 проценти во пролет, а нејзината максимална висина во некои предели би можела да се намали од 125 на 80 сантиметри.
Истражувањето укажува на двоен ризик – од суши и од поплави. Летните врнежи во регионот на Мраморното Море и во западниот дел на Црното Море би можеле да се намалат за повеќе од 50 проценти, додека зимските врнежи би можеле да се зголемат за до 20 проценти во одделни региони. Источниот брег на Црното Море, делови од Грузија и Романија, како и Истанбул и околината на Мраморното Море, се посочуваат како потенцијални „жешки точки“. Во Истанбул максималните дневни врнежи може да се зголемат од сегашните 210 на 437 милиметри.
Јонол наведува дека ефектите од затоплувањето ќе се засилат по 2040-тите години, додавајќи дека Црното Море се загрева побрзо од другите мориња поради неговата полузатворена природа. Научникот нагласува дека справувањето со климатските промени бара адаптација на инфраструктурата, урбанистичкото планирање и управувањето со водните ресурси.


