Утрински Весник
Економија

Силна координација и јасни приоритети од Секторската работна група за енергетика

Iam01899.jpg

Со јасна порака дека енергетската транзиција повеќе не е план, туку активен процес со конкретни резултати и мерливи цели, денес во Владата се одржа состанок на Секторската работна група за енергетика, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

На состанокот присуствуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија, УНДП, Светска банка, амбасади, клучни институции од енергетскиот сектор, како и претставници на донаторската заедница и меѓународните финансиски институции.


Фокусот на дискусијата беше ставен на забрзување на реформите, ефективна донаторска координација и утврдување на следните приоритети во спроведувањето на стратешките документи и реформската агенда.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање истакна дека Македонија влегува во нова фаза на енергетската политика – фаза на имплементација, резултати и одговорност.

„Градиме енергетски систем што нуди стабилност, доверба и одржливост. Со новата законска рамка, инвестициите во обновливи извори и засилената соработка со меѓународните партнери, ги поставуваме темелите за модерен, конкурентен и европски усогласен енергетски сектор,“ нагласи министерката.

Особен акцент беше ставен на усвојувањето на Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 (NECP), кој претставува клучна рамка за декарбонизација, енергетска ефикасност и интеграција во европскиот енергетски пазар. Министерството веќе работи на воспоставување систем за следење, известување и координација за негова ефективна имплементација.

Во делот на праведната транзиција, беше истакнато дека процесот веќе добива конкретна оперативна динамика, со усвоен Годишен план за 2026 година и подготвени мониторинг извештаи. Преку Инвестициската платформа за праведна транзиција, се забрзуваат инвестициите во обновливи извори, со фокус на нови работни места, преквалификација и поддршка за заедниците погодени од транзицијата.

Состанокот ја потврди и силната определба за целосна интеграција во европскиот енергетски пазар. Новиот Закон за енергетика, усогласен со европското законодавство, воведува современи пазарни механизми, вклучително и ден-однапред и интрадневен пазар, и ја зајакнува улогата на националниот оператор на пазарот на електрична енергија.

Претставниците на енергетските компании информираа за тековните и планираните инвестиции. Беше нагласен напредокот во модернизацијата на преносната мрежа, развојот на обновливите капацитети, како и процесите на market coupling и дигитализација.

Министерството презентираше и конкретни резултати од изминатиот период, меѓу кои:

  • активни инвестиции во соларни и ветерни капацитети во соработка со меѓународни финансиски институции;
  • напредок во реализацијата на гасните интерконектори со Грција и Србија;
  • подготовка на програми за енергетска ефикасност, вклучително и реконструкција на јавни објекти;
  • воспоставување системски пристап за справување со енергетската сиромаштија. .

Како клучни приоритети за наредниот период беа посочени: финализирање на законската рамка, забрзување на инвестициите во обновливи извори и мрежна инфраструктура, дигитализација на процесите, унапредување на енергетската ефикасност, како и засилено следење на имплементацијата на реформите.

Учесниците го поздравија постигнатиот напредок и ја нагласија потребата од уште поинтензивна координација и партнерство во остварувањето на заедничките цели – енергетска безбедност, одржливост, конкурентност и целосна интеграција во европскиот енергетски систем.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува цврсто посветено на транспарентен, инклузивен и резултатски ориентиран процес на енергетска транзиција, како клучен двигател на економскиот развој и европската интеграција на државата.

Можете да прочитате

Каматната стапка е непроменета –  зголемени ризици за монетарно затегнување

CompanyWall Business анализира 75.329 компании во Северна Македонија: Сè појасна поделба на стабилни и оптоварени компании

„Добра игра. Фер плеј“ – Lidl започнува кампања за вработување