Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку жив сведок на вековната историја и најсилен израз на нашата културна и национална посебност

Azbuka 1.webp.webp

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик во која порачува дека македонскиот јазик е темелот врз кој се издигнува нашата духовна и национална самобитност.

-Македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку жив сведок на вековната историја, чувар на колективната меморија и најсилен израз на нашата културна и национална посебност. Во неговите зборови се вткаени борбите, надежите и стремежите на генерации кои го граделе и зачувале нашето постоење – се вели во честитката од Мицкоски.


Нашата должност денес, како што посочува премиерот, е јасна и возвишена да го негуваме, унапредуваме и достоинствено претставуваме македонскиот јазик, како дома, така и на меѓународната сцена.

-Во време на предизвици, потребна е мудрост, единство и непоколеблива верба во вредностите што не дефинираат.

Како општество и како држава, остануваме цврсто определени да го заштитиме и афирмираме македонскиот јазик како неотуѓиво културно и историско наследство. Тој е наша заедничка обврска, но и наша заедничка иднина. Нека 5 Мај биде потсетник дека преку јазикот ја чуваме душата на народот. Честит Ден на македонскиот јазик! – вели премиерот Мицкоски во честитката.

Можете да прочитате

Во Охрид Централна свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата

Речиси цела држава во зона со висок ризик од пожари

Армијата го слави 34. роденден со најдинамична трансформација и модернизација и потврдена борбена готовност