Утрински Весник
Македонија

„Гоце Делчев е светиња“ – Петровска се огради и испрати силна порака

489822985 1481439763178831 8793859527729408504 n.jpg

Славјанка Петровска, пратеник во Собрание на Република Северна Македонија од СДСМ, преку објава на социјалните мрежи испрати силна порака за значењето на Гоце Делчев, но и за состојбите во партијата.

Во својот статус, Петровска нагласува дека Гоце Делчев не е само историска личност од минатото, туку „жива морална и национална вертикала“ врз која се темели македонската државотворна свест.


„Неговиот лик и неговото дело се длабоко вградени во колективната меморија на македонскиот народ, во нашата борба за слобода, правда и самобитност“, наведува таа.

Петровска потсетува дека СДСМ е партија која својата политичка и идеолошка традиција ја гради врз темелите на АСНОМ, антифашистичката борба и определбата за заштита на македонскиот идентитет, јазик и историска посебност.

Според неа, тие вредности не смеат да бидат предмет на компромис, ниту да се доведуваат во прашање од било која позиција во рамки на партиските органи.

„Не е доволно само декларативно да се повикуваме на нашите историски корени, ако во пракса не покажуваме доследност кон нив“, пишува Петровска.

Таа истакнува дека како член на СДСМ и како почитувач на темелните вредности се оградува од секоја помисла за доведување во прашање на значењето на Гоце Делчев и неговиот придонес за слободата.

„Почитта кон Гоце Делчев не е прашање на дневна политика. Таа е прашање на достоинство, историска свест и одговорност кон генерациите што доаѓаат“, наведува пратеничката.

На крајот од пораката, Петровска испрати и директно предупредување до својата партија:

„Ако не се промениме, ќе исчезнеме!“

Можете да прочитате

Муцунски во работна посета на Германија, Обединетото Кралство и Ирска

Уапсен 18-годишник по предизвикан хаос од Василево до Богданци

Николоски: Од 2 јули нова директна линија Анкара- Скопје и карго железничко поврзување меѓу Македонија и Турција