Утрински Весник
Балкан

Сонце, песок и 2.000 години историја: Преглед на античката ривиера на Анталија

Foto side.jpg

Туризмот базиран на можностите за автентично доживување на културното и историското наследство на одредена дестинација, се развива сѐ побрзо во последниве години. Тоа е поттикнато од зголемената побарувачка за вакви патувања, како и од глобалните напори за зачувување на историската оставина, каде што влегуваат не само античките урнатини и спомениците, туку и живите традиции. Глобалниот пазар на културно-историски туризам минатата година се проценувал на 624,55 милијарди долари, а се очекува да достигне 936,97 милијарди долари до 2033 година. Во негови рамки Туркије се смета за водечка дестинација, бидејќи во речиси секој регион од земјата се развивале голем број цивилизации. Како порта кон минатото се издвојува Анталија, која е сместена на раскрсницата на античките региони Ликија, Памфилија и Писидија, а со своите театри и раскошни мермерни урнатини овозможува патување низ историјата и станува вистински Музеј на отворено. Задолжително се препорачува да се посетат пет антички локалитети.

Прва е ликиската престолнина Ксантос, која заедно со своето свето култно средиште Летоон се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО. Натписите пронајдени на тие локалитети биле клучни за дешифрирање на ликискиот јазик.


Патара, пак, била административен центар на Ликискиот сојуз. Таму се држеле состаноци на сојузот, што е еден од раните примери на претставничка демократија кој датира од II век пред нашата ера. Патара е родното место на Свети Никола, личноста која го инспирирала ликот на Дедо Мраз. Во локалитетот треба да се посети и неодамна реставрираниот монументален светилник. Патара се издвојува и по својата 18-километарска плажа, заштитено гнездилиште на желките карета- карета, како и по своите песочни дини.

Мира е уште еден значаен ликиски град, кој воодушевува со своите карпести гробници украсени со релјефи. Свети Никола бил епископ на Мира, па таму може да се посети и црквата Св. Никола, која е поврзана со неговиот живот и дело.
Перге, пак, е еден од најдобро зачуваните антички градови на Медитеранот, полн со колонади, стражарски кули, римски бањи, агора, театар и стадион во форма на потковица, кој некогаш можел да прими до 12.000 гледачи. Познат по своите софистицирани римски скулптури и по уникатната улога на жените во неговата администрација, овој древен главен град на Памфилија е и важна станица на патеката „Свети Павле“.

Најзначајниот пристанишен град на регионот, пак, е Сиде. Таму се препорачува прошетка низ монументалните урнатини, како и да се доживее храмот на Аполон на зајдисонце, кој е симбол на безвременската убавина на Анталија. За античките градови во Анталија е битно и тоа што во летниот период, Аспендос, Патара и Сиде се дел од иницијативата „Ноќни музеи“ и остануваат отворени до 22 часот. Локалитетите како Перге, Мира и Археолошкиот музеј во Сиде, пак, се отворени за посетители до 21 часот, а се очекува оваа иницијатива уште повеќе да се прошири во текот на оваа година.

Можете да прочитате

Првомајски снег на Копаоник и Златибор

Хорор под земја: Во стар рудник во Бугарија откриена нарко-плантажа со 20 тунели

Во изминатите 10 години во Србија  имигрирале над 167 илјади луѓе, најмногу од Русија